Скопска игранка во „Лабораториум“ по повод ослободувањето на Скопје

Културно-едукативниот центар „Лабораториум“ ги поканува жителите на Скопје од сите генерации, на новото, празнично издание на „Старата скопска игранка“. Влезот е слободен за сите.

Настанот ќе се одржи со почеток во 19 часот, а по повод 13. ноември –  Денот на ослободувањето на Скопје.

„Како загревање, во 19 часот преку „Скопскиот квиз“ водителот Никола Наумовски ќе го „тестира“ знаењето на гостите за главниот град. Победникот ќе биде награден со 10 гратис пијалоци на игранката. Веќе од 20 часот, во халата на ‘Лабораториум’ ќе започне главниот дел на прославата наречен ‘Скопска игранка’. Диџеите Зоран Ингилизов и Влашки ќе ги разиграат гостите со најубавите стари македонски шлагери и светски хитови од 50, 60, 70 и 80 години на минатиот век“, велат организаторите.

На настанот ќе има и изложба на цртежи на тема „Колку го сакаме Скопје“, дела на учениците од ОУ „Лазо Трповски“.

Забавата ќе има и хуманитарен карактер. „Лабораториум“ заедно со академското друштво „Делта Му Делта“ при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, ќе организираат и акција за донации во соработка со граѓанската организација „Конект“.