Скопската гимназија „Никола Карев“ отвори паралелка која ќе изучува италијански јазик, како трет јазик во наставата.
23 ученика запишани во прва година, ќе имаат можност до крајот на своето средно образование да се стекнат со Б2 сертификат за познавање на италијанскиот јазик.
Италијанска паралелка се отвора за прв пат во нашата земја, на иницијатива на средното училиште „Никола Карев“, а со поддршка на Град Скопје и Амбасадата на Италија.
Запишаните ученици ќе го изучуваат италијанскиот јазик со 6 часа неделен фонд. Тие ќе имаат прилика да изучуваат италијанска книжевност, култура, историја и уметност. На тој начин на учениците кои следеле настава во италијанската паралелка им се овозможува полесно да се запишат на некои од универзитетите во Република Италија.
Вчера во посета на скопската гимназија беа министерката за образование, Мила Царовска, градоначаникот на Град Скопје, Петре Шилегов и амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри.