Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје веќе требаше да започне, рокот е веќе изминат, но за да се случи ова, Градот Скопје треба да си ги исполни своите обврски, вели за Новинската агенција Мета министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
„Треба да се завршат уште две активности за да може да почне изградбата на пречистителната станица. Тоа се експропријација на земјиште и урбано планирање и двете треба да ги заврши Градот Скопје“, објаснува министерката Шукова.
Министерството за животна средина и просторно планирање во моментов нема директна комуникација со Градот Скопје, туку само преку работната група.
„Јас веќе апелирав Градот и „Водовод и канализација“ да бидат малку поактивни во процесот, бидејќи овие две активности се услов за Министерството да добие дозвола од банките да уплати авансен износ кон „Водовод“, а од таму кон изведувачот на проектот“, вели министерката Каја Шукова.
Таа се надева дека Градот Скопје овие обврски ќе ги заврши што побрзо за да може да почне изградбата на скопската пречистителна станица.
„Нема да дозволиме процесот да застане, а уште помалку да пропадне. Ќе почекаме уште еден или два месеци и ќе видиме што понатаму. Се работи за проект вреден 200 милиони евра, од кои 70 милиони се грант“, децидна е министерката Шукова.
Инаку, тендерската постапка за изградба на пречистителната станица за отпадни води веќе е завршена и беше избран најповолен изведувач, на којшто му следеше караница меѓу партијата ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска за обиди за местење на тендерот при изборот на изведувач. Беше сменет и директор на ЈП „Водовод и канализација“ што беше кадар на ВМРО-ДПМНЕ, по што оваа партија ја откажа и поддршката за скопската градоначалничка.
Тендерот за изградба на скопската пречистителна станица беше отпочнат во летото 2020 година, а со одолговлекувањето на процедурите од страна на Градот Скопје, се одложува и почетокот на градежните работи на терен. Првичниот краен рок за завршување на изградбата на овој капитален објект беше 2026 година. За да помисли да постане земја-членка на ЕУ, С.Македонија ќе мора да изгради пречистителни станици за отпадни води во сите поголеми населени места.