Јавноста остана без одговор на голем број прашања во врска со проблемите и угинувањето на животните во Зоолошката градина во Скопје годинава, како на пример, за причините на угинувањето на жирафата Каспер, за вкупниот број угинати животни во 2023 година, за причините зошто земјава го изгуби кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) и многу други, пишува Мета.мк.
Точно 21 ден Мета.мк ги чекаше одговорите на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер од Зоолошката градина во Скопје, откако беа поставени барања во поглед на сè поголемиот број угинати животни во оваа установа. Во одговорот од ЗОО Скопје имаше сè освен конкретни одговори, за што во тек е жалбена постапка пред Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Годинава, Зоолошката градина остана без ниту една, од трите жирафи чие живеалиште со години беше оваа установа. Жирафата Каспер угина во мај годинава, но од скопската ЗОО никогаш не соопштија од кои причини настапила смртта. Единствено Макфакс објави информација дека причината за смрт била салмонела, но тоа не беше официјално потврдено. Во ноември, угина и последната жирафа, Флопи. Во барањето за пристап до информации Мета бараше целосната медицинска документација за угинувањето на двете жирафи, како и резултатите од извршената обдукција.
Од Зоолошката одговорија дека не можат да ни одговорат ниту на едното, ниту на другото барање. Иако Каспер угина уште во мај, оттаму велат дека „постапката сè уште е во тек и не може да се издаде информација, затоа што би можело да има штетни последици за текот на постапката“. За разлика од Каспер, за жирафата Флопи, која угина пред неполни два месеца, од зоолошката тврдат дека „информацијата за историја, лечење и угинување е јавно достапка, па оттаму не сме должни повторно да издаваме информации“.
Мета.мк се обиде на веб-страницата на скопската ЗОО да ја најде оваа документација, но такво нешто немаше, а и во одговорот не беше посочено каде истата би можела да се најде. Единствено нешто што постои како документ е соопштение од зоолошката година, во кое се тврди дека жирафата угинала како последица на карцином, но тоа тврдење не беше придружено со документ, кој беше предмет на наше барање.
Во однос на бројот на угинати животни, вид на животно и причина за смрт, од Зоолошката исто така одбија да дадат одговори. Наместо да дадат информации со кои во моментов располагаат, а со нивното објавување не би била предизвикана штета, оттаму ни одговорија дека за дел од угинатите животни постапките се во тек и тоа би можело да има штетни последици за текот на постапката, со што практично избегнаа да го соопштат и вкупниот број животни кои угинале годинава.
Инаку, членот 6 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер предвидува дека „ако документот или негов дел содржи информации од ставот (1) на овој член, што можат да се одвојат од документот без притоа да се загрози неговата безбедност, имателот на информации ги одвојува тие информации од документот и го известува барателот за содржината на останатиот дел од документот“.
Мета.мк го побара и известувањето од ЕАЗА, со оглед на тоа што во јавноста се ширеа голем број информации за губењето на кандидатскиот статус, но на ова од ЗОО Скопје одговорија:
„Не сме должни интерен документ јавно да биде објавен, доволна е информацијата за изгубениот статус“.
Зоолошката градина за интерни документи ги смета и склучените договори со ветеринарни станици, па и тие не ни беа доставени во состав на нашето барање, иако овие ветеринарни станици добиваат финансии од јавните пари на установата.
За сето ова, Мета.мк поднесе детално образложена жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Жалбата се темели на членот 6 од Законот за слободен пристап до информации во кој јасно е наведено во кои случаи институцијата не може да даде извесна информација:
Кога таа претставува класифицирана информација со соодветен степен на класификација, личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци, информација чие давање би значело повреда на доверливоста на даночната постапка, информација стекната или составена за истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката и информација која ги загрозува правата од индустриска или интелектуална сопственост (патент, модел, мостра, стоковен и услужен жиг, ознака на потеклото на производот)
Многу отворени прашања, малку одговори
Во јули годинава пцовисаа три пржевалскиеви коња во скопската зоолошка градина, исклучително ретка и скапа раса која потекнува од Монголија, кои живееле во австриски национален парк пред да бидат донесени во Скопје преку донација од македонска фирми. Коњите угинаа во рок од 24 часа. По извршеното вештачење, Зоолошката градина објави дека монголските коњи биле отруени со брзоделувачки отров. Иако во соопштението се велеше дека ќе бидат испитани снимките од камерите во градината за да се открие сторителот на труењето, сè уште нема никакви информации за тоа кој го ги отрул коњите.
По случајот со трите отруени коња, Анима Мунди бараше надворешна истрага како и потврда од зоолошката градина „дали и колку од ветеринарните лица во ЗОО Скопје се доктори специјалисти за лекување на диви животни, доколку такви воопшто има“.
Со губењето на кандидатскиот статус во ЕАЗА, Скопје веќе нема право на размена на животни со други европски зоолошки градини. Таа сега нема право на никакви соработки со други зоолошки-членки и зоолошки-кандидати, ниту пак има право повторно да аплицира за статус во текот на следните 8 години.
Откако директорот Ѓорги Галетановски даде отказ во 2021 година, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска поставено три различни директори во скопската Зоолошка градина. Првиот, Кристијан Стаменов, беше разрешен откако во јули 2022 година, откако Вистиномер го разобличи колењето коњи во зоолошката за храна за месојадните животни.
По разрешувањето на Стаменов за в.д. директор беше назначен Драган Илиевски. И тој потоа беше разрешен бидејќи не бил избран од редот на вработените, што е услов за позицијата според статутот на скопската Зоолошка градина. По разрешувањето, тој беше назначен како генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“, а за директор на Зоолошката градина беше поставен актуелниот, Зоран Попов. Попов досега нема одговорено на ниту едно прашање во однос на проблемите со кои се соочува установата, како на пример угинувањето на животните, евентуалниот недостиг од кадар или губењето на кандидатскиот статус во ЕАЗА.