Љубителите на цвеќето викендов имаат можност да купат цвеќиња и цветни аранжмани, да добијат корисни совети, да се забавуваат и да се дружат на отворено во рамките на шестиот Скопски цветен фестивал што се одржува во вториот дел на Градскиот парк.
Во текот на двата фестивалски дена пред граѓаните се промовира одгледувањето цвеќе, а најмладите ќе имаат можност да се вклучат во работилници, да ја покажат својата креативност и да научат нешто повеќе за цвеќињата и за заштитата на животната средина. Затоа и Фестивалот вчера беше отворен со цветно дефиле со деца од предучилишните установи и од основните училишта што тргна од паркингот пред бараките на Град Скопје и се движеше по патеките во паркот.
Од Град Скопје посочуваат дека новина годинава е тоа што посетителите покрај за цвеќе, можат да добијат корисни совети за своите домашни миленичиња, како и да вдомат милениче.
Посетителите можат да уживаат во настапите на повеќе музички и танцови изведувачи, имаат можност да вежбаат јога и зумба на отворено и да учествуваат во најразновидни цветни перформанси и декорации.
Фестивалот на цвеќето се одржува под покровителство на Град Скопје, а во организација на ЈП „Паркови и зеленило“.