„Скопски џез фестивал“ преку бразилско-шведско-американска вечер се солидаризираше со бегалците

Бразилецот Амаро Фреитас, трубачот Горан Кајфеш со шведската супергрупа „Сабропик Аркестра“ и проектот на Дејмон Локс и Роб Мазурек„Њу фјучр сити радио“ синоќа ја одбележаа третата вечер на „Скопски џез фестивал“, која беше посветена на бегалците.

Оливер Белопета, програмскиот директор на фестивалот, потенцираше дека акцијата „Џезот за солидарност со бегалците“ веќе стана традиција, а музиката е соодветен медиум за да се пренесуваат пораки.

„До ден денес, пред се’ благодарејќи на самите музичари ширум светот што го имаат тој хуманитарен елемент, џезот ја шири солидарноста кон бегалците. Тоа многу добро го знам бидејќи имам привилегија да комуницирам со многу музичари. Акцијата почна некаде пред 4 години, тоа беше период кога кризата беше многу актуелна на овие простори, ги допираше нашите граници и Балканот. Знаете се’ она што се случуваше, имаше земји кои не примаа бегалци. Денеска можеби тоа не е толку присутно во јавноста, проблемот со бегалците и потребата за нашата свест, за солидарност кон нив, бидејќи секојдневно сме преоптоварени со секојдневни проблеми, меѓутоа вистината кажува нешто друго. Прво, кон бегалците треба да гледаме како наши браќа и таков да биде нашиот однос, затоа што ако тој проблем не е така актуелен во јавноста, за жал во светот е уште повеќе актуелен. Податоците покажуваат дека бројот на бегалци е зголемен на над 100 милиони“, потенцираше Белопета.

Акцијата „Џезот за солидарност со бегалците“ годинава е организирана заедно со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци и со поддршка на Младински образовен форум, а со свои апели се вклучи и музичарот Горан Кајфеш.

„Ова се многу тешки денови, за многу раселени лица. А, во џезот ние природно се поддржуваме кога сме на бината и мислам дека во секојдневниот живот треба да ги поддржуваме луѓето што имаат потреба. Во овие мигови има многу бегалци што имаат потреба од помош. Ова е важен момент за луѓето од светот да се ангажираме“, посочи Горан Кајфеш.

Тој со шведската супергрупа „Сабропик Аркестра“ свиреше на сцена како втор. Претстави едно поинакво, еклектично џез патување во Националната опера и балет, каде музичата агенда ја отвори Амаро Фреитас. Бразилецот, пак, со своите инструменталисти настапи во варијанта на трио и го претстави последниот албум „Sankofa“, што беше окарактеризиран од организаторот како „ремек дело“. Фреитас се поигруваше со пијаното на разни начини, преиспитувајќи ги традиционалните структури на џезот, притоа во одредени делови ја вклучуваше публиката за да внесе нова димензија во музичката приказна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Engage Kicks & Gigs (@radiomofmusic)

Полноќниот термин во МКЦ беше резервиран за „Њу фјучр сити радио“, проектот на  тандемот Роб Мазурек и Дејмон Локс кои претходно го отворија фестивалот со „Експлоудинг Стар Оркестра“ и оставија концерт за паметење на аудиториумот. Овој пат, Мазурек и Локс беа придружувани со голем видео бим и бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара, за да понудат футуристичко аудио-визуелно патување, комбинирајќи електроника и џез варијации.

„Скопски џез фестивал“ денеска финишира во Националната опера и балет со гитаристката Мери Халворсон, како дел од њујоршкото трио „Тамбскру“ со басистот Мајкл Форманек и тапанарот Тома Фуџивара.

„Сите тројца придонесуваат подеднакво, како во однос на композицијата, така и во импровизацијата. Oвој американски бенд беше формиран сосема случајно, но откако открија дека нивната музичка хемија е толку уникатна, ја продолжија соработката. Набргу, стекнаа огромна почит од публиката којашто умееше да ја препознае нивната неверојатна способност за учество во речиси телепатска интеракција. Кога зборуваме за ова трио, коешто денес одбележува десет години творештво, се наоѓаме на специфична џез-територија што бара малку поголемо внимание од вообичаеното. Музиката е отворена, жива, духовита и не помалку амбициозна. Сепак, дури и во нивните најтешки и најкомплицирани дисакорди, тие нудат доволно информации за да ви дадат до знаење дека знаат точно што прават – впрочем, дури и авангардните бендови не издржуваат заедно една деценија без некоја сериозна синергија“, се вели во најавата.

Исто така, публиката ќе може да го доживее и Ингебригт Хакер Флатен, што се наметна како еден од најзначајните (контра)басисти на светската џез и импровизирана сцена денес.

(Exit) Knarr се вика составот под чие име ќе настапува Ингебригт Хакер Флатен, чие музицирање според организаторот го сместија во центарот на широката лепеза импровизатори со впечатливо различни режими на работа, како со сопствените проекти, така и со The Thing, Atomic, Free Fall, Scorch и во дуо со Џо Мекфи, Еван Паркер и Хакон Корнстад.

„’Knarr’ е тип на брод изграден во Скандинавија околу 1000-та година, којшто се користел за пловидба по светот, исто како што Ингебригт Хакер Флатен патува низ светот воден од неговите музички авантури. (Exit) Knarr е посвета на различните места што ги посетил, а секоја песна го доловува духот на градовите како Остин, Чикаго, Трондхајм, Амстердам… Музиката е резултат на богатите искуства на басистот во различни жанрови и традиции изградени во текот на долгата кариера, длабоко вкоренети во џезот и авангардата, како и во музиката на светот и психоделичниот рок. (Exit) Knarr беа оформени откако пандемијата го принуди Хакер Флатен да се врати во својата татковина. Понудата од Vossa Jazzfestival го инспирираше да собере група извонредни скандинавски музичари со кои одамна сакаше да работи“, соопштија од „Скопски џез фестивал“.

Бојан Шашевски