„Скопски колажи; претставување на Валентина Бакти“ е настан на кој ќе се претстави поетесата, преведувачката, актерката и фотографката од Република Србија, Валентина Бакти.
Настанот ќе се одржи во среда, на 27 јули, со почеток во 20 часот, во кафе-книжарницата „Буква“.
Во рамки на настанот, ќе биде отворена изложбата на колажи од Валентина Бакти во коавторство со Диме Данов и Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур.
Со свој музички настан ќе се претстават „Amplydine effect “со Владимир Мартиновски и Соња Димитриоска.
Во рамки на настанот ќе се одржи и поетско читање на кое ќе учествуваат Ѓоко Здравески, Иван Шопов, Никола Маџиров, Андреј Ал-Асади и Владимир Лукаш.
„Колажите се од фотографии кои ги направивме со Диме во изминатите денови во Скопје. Би сакала да му се заблагодарам бидејќи поради моите замисли се будеше рано и наоѓаше време, иако време немаше. Ми беше убаво и лесно да создавам со него. Колажите се инспирирани од стиховите на песните кои ги разменувам со мојот дневник“, напиша Бакти.
Бакти во јули е на книжевна резиденција во Скопје, која е дел од резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“.