Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ја организира изложбата насловена како „Скопски урбани приказни 2024“ дел од „Скопско лето“ која ќе се отвори на 17 јули (среда) од 20 и 30 часот во куќата на ДЛУМ.
„Уметниците Ана Ивановска, Доротеј Нешковски, Шќипе Мехмети, Сашо Блажес, Марина Лешкова, Давор Кешкец и Сокол Марковски, преку различни медиуми и инакви перцепции ќе ги претставуваат своите толкувања за ‘домот’ не само како физички димензионирана структура, туку и како (ин)директно чувство на припадност, опуштеност и сигурност, како простор кој ја дефинира идентитетската определба, утопијата, реалноста“, истакнуваат организаторите за претстојната изложба.
Куратори на изложбата се Уметничкиот совет и Маја Чанкуловска Михајловска. Таа истакнува дека идејата на годинешното издание на „Скопски урбани приказни“ се темели врз поимот „дом“, а почетните асоцијации сугерираат директна врска со конкретниот простор – куќата во која после седум и пол децениско работење е сместено ДЛУМ.
„Еманирајќи од познатата сентенца ‘Домот не е каде што си роден, домот е каде што сите твои обиди за бегство престануваат’ на нобеловецот Нагиб Махфуз, премисата „дом“ како место, живеалиште или засолниште, е проширена на повеќе слоеви на исчитување, но и чувствување. Во повеќето толкувања, кои можат да се и антагонистички, присутни се следните моменти: флуктуација на домот – (не)статичноста на просторот каде се поврзуваат и интерконектираат минатото со сегашноста и иднината, (не)постојаноста или (не)променливоста на истиот, реалноста и имагинацијата, присуството и отсуството…“, појаснува Михајловска.
Според неа, домот како (не)постоечки реален или апстрактен простор на поврзување со личните, семејните или општествените фрагменти и референци, но и пошироките наративи, како што е примерот за „неистражената“ историја на „новиот“ дом на ДЛУМ, е простор на интимни доживувања, но и поттикнувач на критичка корелација со политиките на заедницата и општеството, вклучително и глобалните миграциски политики и кризи.