Скопскиот градоначалник од Атина: Соработката меѓу Градот и невладиниот сектор е на завидно ниво

Скопскиот градоначалник во Атина: Соработката меѓу Градот и невладиниот сектор е на завидно ниво„Улогата на граѓанското општество во соочување со главните потреби на современите главни градови“ и „Урбаниот туризам под предизвик на економската криза“се двете теми на разговор на 15-та Конференција на главни градови на земјите од Централна, Југо-источна Европа (U.C.S.E.E.C), којашто се одржува денеска и утре (18-19 октомври), во Атина.

Како еден од учесниците беше и скопскиот градоначалник Коце Трајановски кој имаше свое обраќање на конференцијата. Во него се осврна на врската помеѓу локалната власт и граѓаните, невладиниот сектор и плановите на градот.

„Локалната власт е како двонасочен булевар – ако немате комуникација, ако не ги знаете проблемите и на најмалата eдиница од територијална организација, на речиси секоја група која застапува одредени интереси, ако немате „сигнали“ дали се движиме во добра насока или не, тогаш бидете убедени дека со вашето „управување“ нешто сериозно не е во ред… Оваа задача, односно овој „празен простор“ помеѓу индивидуата и државата или локалната власт, беспрекорно ја извршува Невладиниот сектор, односно Граѓанските здруженија и во поново време неформалните групи. Свесни за потребата од оваа интеракција Градот Скопје пред осум години во својата организација го формира Одделението за соработка со невладиниот сектор и граѓанските здруженија. За неполна година, во соработка со невладините организации на територија на Град Скопје изработена е првата стратегија на Градот за соработка со Невладините организации, а оваа година Советот на Град Скопје ја усвои втората стратегија за периодот 2013-2017 година“, вели во своето обраќање Трајановски кој оценува дека соработката меѓу Градот и невладиниот сектор е на завидно ниво.

Пред присутните тој ги наброја активностите со кои се доближуваат локалната власт и НВО секторот, како формирањето на  Форум на невладини организации, од буџетот на Градот се издвојуваат средства за кофинансирање на проекти и манифестации, отворена е интернет страница НВО Порта –  специјализирана за информации од доменот на интерес за Невладините организации, а отворен е додава Трајановски и  НВО-центар, кој бесплатно е на располагање на Невладините организации за одржување на конференции, семинари и состаноци.

„ Сепак, кога станува збор за визија, како да ја унапредиме оваа двострана интеракција, се испостави дека можеби најголемиот проблем е во брзиот проток на информации, навременото известување за дневните случувања, на настаните што се случуваат, како во заедницата, така и во администрацијата. Оттука, размислуваме за покренување на една интернет платформа којашто не само што ќе ни ја олесни комуникацијата туку ќе биде платформа која ќе овозможи навремени интервенции, изготвување анализи, одржување е-форум и други погодности, којашто ќе ја издигне оваа соработка на повиско квалитативно ниво, во рамки на првата дискусија, додава градоначалникот.

На 15-тата Конференција на главни градови се дискутираше, меѓу другото, не само за последиците од проблемите во современите туристички градови, туку главно за меѓународно успешните практики за сопирањето и решавањето на овие проблеми.