Средношколките од Град Скопје во 2022 година не ги добија ветените бесплатни производи за менструална хигиена. Мерката, која беше најавена кон крајот на 2021 година, а требаше да се спроведе во 2022, не се оствари. Сепак, на вчерашното гласање на буџетот на Град Скопје, Советот изгласа амандман и издвои дупло поголем буџет за оваа мерка во 2023 година.
Теодора Крстевска, советничката во Град Скопје, која првично ја предложи мерката за која градот издвои два милиони денари за 2022 година, за Радио МОФ вели дека и покрај тоа што буџетот за мерката бил изгласан од Советот, градската администрација немала интерес да го изреализира.
Како што објаснува советничката, средствата заглавиле во Градската администрација, бидејќи немало интерес од Секторот за образование и генерално градските власти да пристапат кон реализација за проектот.
„Буквално секој месец се јавував во Секторот за образование и ги прашував што е планот, каков е планот, од таму цело време викаа работиме на стратегија, работиме на програма, работиме да најдеме соодветен начин на дистрибуција, во кратки црти, цело време наоѓаа изговори зошто да не биде изреализиран буџетот“, вели Крстевска.
Крстевска посочува дека во буџетот на Град Скопје за 2023 година, кој синоќа се изгласа, стои како ставка претходната сума од два милиони денари, а за оваа година дополнително е изгласан амандман од четири милиони денари за бесплатни менструални производи, зголемен поради економската криза.
„Поголема е сиромаштијата заради инфлација, поголеми се и цените, уште не знаеме како и кога ќе почне да се спроведува намалувањето на данокот на менструалните производи од 15% на 8%, така што сега барам дупло повеќе средства за да можеме да опфатиме повеќе, баш поради таа инфлација и поради економската криза која ги погоди сите“, вели советничката.
Таа додава дека се уште стојат ветените два милиони денари во програмата, кои не можат да се тргнат поради одлуката на Советот, но реализацијата цело време се одложува.
„Проблемот е во градската администрација. Советот како совет се сплоти и ги изгласа парите и ги обезбеди, но едноставно градската администрација е игнорантна. Мене мораат да ми дадат одговор и цело време викаат во изработка сме да најдеме поволен начин, буквално онака да те откачат, што стварно не ми е јасно бидејќи парите во буџетот ги има“, истакнува Крстевска.
До објавување на текстот не ги добивме побараните одговори од Град Скопје.
Ивана Смилевска