На светскиот ден на музиката и на првиот летен ден, 21 јуни, вчера во Скопје прозвучи грандиозната „Деветта симфонија“ од Лудвиг ван Бетовен, со која годинава почна културната манифестација „Скопско лето“. Настапија оркестарот и хорот на МОБ, со 25 гости хористи и двајца солисти од Јапонија, и исто толку и од Македонија. Под диригентство на Шунго Моријама од Јапонија, во изведбата настапија солистите: Ирена Кавкалевска, мецосопран и Ѓорѓи Цуцковски, тенор од Македонија, како и Еми Хишики, сопран и Кеисуке Отани, баритон од Јапонија. Ова е копродукциски проект меѓу МОБ и „МК Лимитед“ од Јапонија.
На свеченото отворање му претходеше изложба на слики на Марија Светиева, која е поставена во „Мала станица“, а со која македонската уметница ќе одбележи 25 години ликовно творештво. До крајот на годинашното „Скопско лето“, до 31 јули, ќе бидат прикажани 70 програми, со 2000 учесници од преку 20 земји од светот, кои ќе настапат на скоро сите отворени простори во Скопје.
Голем дел од програмите на манифестацијата ќе се одвиваат во Универзална сала, како и на платото, резервирано за концерти на групи од Словенија, Унгарија, Финска, Норвешка… Главниот настан, пак, што ќе се случи на овој простор, ќе биде одбележувањето на 50 години од скопскиот земјотрес и потсетување на светската солидарност. Ќе се одбележат 50 години од Елисејскиот договор меѓу Франција и Германија и 50 години од постоењето на Музичката младина на Македонија.
И годинава манифестацијата опфаќа настани од сите уметнички сфери. Иако музичките се најбројни, не помалку по број се и театарските претстави, од кои годинава ќе има две премиери – „5:17“, амбиентална претстава на Ана Ристеска, во режија на Нела Витошевиќ, како и детската „Оливер Твист“ на Чарлс Дикенс, во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. Балетски претстави, изложби и богата филмска програма која особено се истакнува со придружната манифестација „Летно кино“, а која почнува на 6 јули, се исто така дел од содржините кои ќе ја збогатат културната понуда во летниот период.
Во првичниот период на „Скопско лето“, покрај театарската премиера на „5:17“, се издвојуваат и француско-германско-македонскиот филмски концерт наречен „So This is Paris“ (1926), со оркестар составен од француски, германски и македонски музичари под диригентската палка на Хелмут Имиг, потоа солистичкиот концерт на пијанистката Дуња Иванова со изведба на дела од Лудовико Еинауди и Филип Глас, дела кои ретко се изведуваат на нашата сцена, мултимедијалниот проект „Скопски урбани приказни“ на ДЛУМ, како и премиерата на турскиот филм „Долга приказна“ (2012) во режија на Осман Синав…
Следете ги новостите за „Скопско лето“ на Фејсбук и Твитер на хаштагот #СкопскоЛето2013, а погледнете го и официјалниот каталог на фестивалот:
Извор: Утрински весник