Повеќе од 4.900 луѓе биле приведени на анти-воените протести кои вчера се одржуваа во повеќе градови низ Русија, информираа локалните организации за заштита на човековите права.
Приведени лица имало во дури 53 градови низ земјата, а според новинската агенција РИА, само во Москва биле уапсени повеќе од 1.700 луѓе.
Од невладината ОВД-Инфо посочија дека по почетокот на руската инвазија врз Украина приведени се повеќе од 10.000 луѓе на протестите кои се случуваат во Русија.
„Притисокот расте, ние всушност сведочиме за воена цензура. Гледаме големи протести денеска. Дури и во градовите на Сибир, каде ретко сме регистрирале вакви бројки на приведени лица“, вели портпаролката на организацијата, Мариа Кузњецова за Ројтерс.
Претходната недела водечкиот критичар на власта на Владимир Путин во Русија, Алексеј Навални, кој се наоѓа во затвор поради осуда за измама, повика на секојдневни демонстрации против инвазијата, додавајќи дека „Русија не смее да биде нација на исплашени кукавици“. Сепак бројни нови закони, донесени последниве години, ги отежнува можностите за протести во земјата.
„Иако руските закони директно не користат термини како „забрана“ или „спречување“… во пракса се бара организаторите на демонстрации да бараат дозвола за нивните собири“, велат од Амнести Интернешнал.
Вчера протести покрај во Русија се одржаа и во голем број други светски држави. Во Казахстан, држава која важи за сојузник на владата во Москва, анти-воен протест беше организиран во главниот град Алмати на кој присуствуваа 2.000 луѓе.
Протести се одржаа и на улиците во Брисел, Белгија и Лондон. Собири викендов беа организирани и во нашиот регион. Граѓани побараа прекин на војната на улиците во Скопје, Белград, Загреб и други градови од окружувањето.