Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации (УНХЦР) вчера информираа дека 4.869.019 Украинци ја напуштиле земјата по почетокот на руската инвазија на земјата во февруари, пренесе Гардијан.
„Додека христијаните го слават воскреснувањето оваа недела мораме тврдоглаво да се надеваме дека во деновите, месеците и годините кои следуваат методите и јазикот на војната нема да предвладеат над оние, кои се потешки и покомплицирани – кои носат мир“, рекол комесарот за бегалци на Обединетите Нации, Филипо Гранди.
Покрај 4,9 милиони Украинци кои избегале, дополнителни 215.000 студенти и работници-мигранти исто така ја напуштиле земјата по почетокот на војната.
Последните статистики на УНХЦР покажуваат и дека 60% од украинските бегалци влегле во Полска, додека речиси две третини од сите украински деца биле принудени да ги напуштат домовите, вклучително и оние кои уште се наоѓаат во Украина.
Хуманитарните организации минатата недела предупредија дека бегалската криза во Украина го зголемува ризикот од сексуална експлоатација и трговија со луѓе.
„Иако хуманоста и солидарноста кон украинските бегалци е инспирирачка, државите мора да спречат злонамерни лица и криминални организации од злоупотреба на ситуацијата. Ние сме на висока готовност и ги предупредуваме бегалците за ризиците од предатори и криминални мрежи кои можат да ја искористат нивната ранливост, или пак да ги намамат со ветувања за бесплатен транспорт, сместување, вработување или други форми на помош“, стои во соопштението на Џилиан Тригс, помошник комесарка за заштита при УНХЦР.
Невозможно е да се знае колку украински бегалци веќе биле жртви на тргвоци со луѓе или насилници, но според Надиа Абу-Амр, која ги координира активностите на УНХЦР во Полска, објаснува дека ризикот е јасен.
Најголемата опасност е високиот процент на жени и деца, кои сочинуваат 90 проценти од луѓето кои ја напуштаат Украина. Дополнително, проблематични се и недостатокот на контроли на граничните премини, каде нема систем за регистрирање на волонтери или пак проверка на различните групи и поединци кои се движат на пограничните локации.
„Овде имате огромен број волонтери, кои вршат одлична работа како одговор на нешто што се случи прилично одеднаш. Но, тоа истовремено е меч со две острици“, посочува Абу-Амр додавајќи дека е невозможно да се знае од каде дошле сите тие волонтери или дали воопшто имаат некаков тренинг за работата која ја вршат.
Уште еден голем фактор на ризик според неа е и желбата на голем број бегалци да продолжат по својот пат колку што е можно побрзо.
„Полската влада овозможи бесплатен јавен превоз за бегалците. Но има голем број пријави на луѓе кои сакаат да поминат на најбрзиот можен начин, влегувајќи во автомобили со некој кој им нуди превоз“, додава таа.