Од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) реагираат на информацијата која ја добиле од Министерството за култура дека нивелацијата на платите во културните институции во земјава ќе се спроведе по завршување на изборниот процес. Од Синдикатот се сомневаат дека од Министерството „купуваат“ време и ги повикаа јавно да соопштат што е причината за одложувањето на нивелацијата на платите.
Целосната реакција ви ја пренесуваме во продолжение:
„И покрај тоа што Синдикатот на културата (СКРМ), како иницијатор на нивелацијата, има разбирање за одредбите од Изборниот законик со кои се стопираат сите одлуки со финансиски импликации за време на изборите, мораме да го изразиме нашето разочарување и револт затоа што вработените во културата и понатаму остануваат заложници на општествено-политичките состојби во државата, заборавени и затрупани преку глава со наталожени проблеми.
Сè уште мислиме дека нивелацијата можеше да се спроведе, особено затоа што одлуката е донесена во декември минатата година и за нејзиното спроведување не се користат дополнителни буџетски средства, надвор од предвидениот буџет на Министерството за 2019 година. Нивелацијата не значи покачување на плати, туку исправање на неправда со законска основа.
СКРМ имаше разбирање за одложување на нивелацијата за еден месец (наместо во март, да се спроведе во април), верувајќи дека Министерството ќе направи сè за исполнување на ветувањето и покрај тоа што бевме свесни дека ни следат избори.
Дали свесно Министерството за култура „украде“ еден месец за спроведување на нивелацијата, за потоа со изборите да си купи време од уште неколку месеци?! Очекуваме јавно да излезат на прес-конференција и да кажат како течел целиот процес, како се правени пресметките, со кои законски пречки се соочиле и поради кои конкретни законски одредби нивелацијата е одложена.
За тоа време, Советот на СКРМ ќе одлучи како ќе реагира на одложувањето и ќе постави услови за динамиката на решавање на сите проблеми во културата и во тие услови нема да има ни грам толеранција, ни минута доцнење, ниту разбирање. Штом Министерството за култура нема разбирање за нашите проблеми, културните работници и уметници нема да имаат разбирање за нивните изговори“, се наведува во реакцијата на Советот на СКРМ.