Од Синдикатот за култура на Македонија објавија реакција по повод предлог-законот за платите во јавниот сектор, а во неа се вели дека новиот предлог закон става крај на синдикатите, колективното договарање и социјалниот дијалог.
„Објавен тивко-тивко на ЕНЕР на 29 декември 2022 година пред новогодишните празници, како честитка на сите вработени во јавниот сектор, со овој предлог-закон јасно е утврдено кој го има главниот збор во државата во однос на платите на вработените во јавниот сектор, а тоа е Министерството за финансии“, велат од СКРМ.
Оттаму ги посочија проблематичните законски членови:
– Според член 20 став 3, Министерството за финансии е органот кој ќе ги предлага коефициентите. Ќе ги предлага врз основ на стратешки утврдени приоритети за секоја година, а приоритетите ќе ги прави Владата, на предлог на Министерството за финансии. Еден затворен, магичен круг. Висината на бодот ќе ја одредува собранието, со што државата се поставува како уберкапиталист со максимална моќ над вработените. Со ова е сузбиено уставното право дека сите имаме право на соодветна заработувачка;
– Државата ќе има право и да ви ги намали платите, а тоа да биде законски, бидејќи таа ги креира коефициентите и вредноста на коефициентите;
– Според член 20 став 4, во услови на криза војна или вонредна состојба, државата ќе може да ви ги намали платите колку сака и како сака и тоа да биде законски – да ви ги укине уставните права и да не одговара за тоа;
– Улогата на синдикатите е минимализирана и сведена на еден претставник од можни пет, кој ќе може да учествува во некаква формирана комисија на платните потсистеми за анализа и класификација на работните места. Кој ќе одредува кој претставник од кој синдикат да биде во таа комисија? Погодувате – повторно Министерството за финансии;
– Со член 41 се замрзнува растот на платите поврзани со вредноста на минималната плата во државата; според член 26 став 5 државата може да ги прогласи за ништовни некомпатибилните Колективни договори. Па, се надеваме дека конечно нашата министерка за култура ќе биде задоволна и среќна, бидејќи КД за култура со закон ќе биде укинат, а постои можност и да се намалат “енормните” плати во културата, па таа веќе нема да се чувствува непријатно на седниците на влада пред своите колеги-министри и повеќе колегите нема да ѝ префрлаат дека нејзиниот сектор има “енормно големи плати”.
„Вработените во институциите од културата по 30 мизерни и бедни години и конечно по 2 години на релативна стабилност, се навредени од ваквиот деспотски однос, се чуствуваат предадени и изиграни и најавуваат дека ќе ги искористат сите механизми за одбрана на својот КД, своите уставно загарантирани права и вистински ќе застанат зад европските вредности, зад кои оваа држава очигледно само декларативно е заложена“, се вели во реакцијата.