Голем мурал во сина боја што покажува две жени со помодрени лица е уметничкото дело за подигнување на свеста за насилство врз жените што деновиве се издигна над една од најпрометните улици во Приштина.
Насликан на ѕид од зграда на улицата „Агим Рамадани“, муралот „Скршени соништа“ има за цел да ја подигне свеста на општеството и институциите за жените жртви на насилство. Како што вели авторката, долгогодишната уметница Фиторе Бериша Алисдотир, муралот е израз на нејзината одвратност кон насилство врз жените во Косово. Таа се одлучила да го наслика муралот во главниот град бидејќи, како што вели, потребно е истиот да заземе место во голем град каде што се наоѓаат сите важни институции што ќе помогне пораката полесно да се пренесе во општеството.
„Како уметник станувам навистина емотивна кога се работи за неправда, со скршено срце за животите што многу жени ги изгубиле поради насилство од нивните партнери“, посочи уметницата.
„Приштина Инсајт“ пренесува дека во периодот од 2016 до 2021 година полицијата до државното обвинителство поднела 7.800 случаи на семејно насилство, а само во 2021 година биле пријавени 2.486 случаи, од кои 1.986 биле од жени.
Бериша Алисдотир смета дека муралот е акумулација на очај од општеството и системот кое не успеало да создаде општество каде повеќе нема да се случуваат вакви трагедии.