По успешната година со делото „Обичниот човек“ коe е дел од светската изложба „50 години хипер-реалистична скулптура“, заедно со делата на Рон Мјуек, Патриција Пичини, Маурицио Кателан, Марк Сијан, Башески со нова изложба во Словенија.
Ова е прва самостојна изложба на Башески во Словенија, по успешното претставување на дел од неговите дела на изложбата MIG 21 во Марибор во 2016. Со својот восхитувачки реализам и емотивна моќ, делата на Жарко Башески оставија силен впечаток на словенечката публика. Поради тоа, Башески беше поканет да ги изложи своите дела на самостојна изложба.
Изложбата „Активирање на рецепторите“ ќе биде отворена во KIBLA PORTAL центарот во Марибор од 17 март до 31 мај 2017.
Словенечката публика за прв пат ќе има можност да погледне изложба на хипер-реалистични скулптури. Тоа е нешто што не е застапено кај скулпторите во Словенија и затоа предизвика голем интерес кај љубителите на уметност. За време на изложбата се најавени стручни трибини меѓу уметници, историчари на уметност и историчари, теоретичари и академици.
Интересот на Башески е свртен кон човекот, па затоа неговиот хипер-реалистичен пристап го надминува хипер-реализмот и зборува за животот и светот во кој живееме со огромно богатство на детали. Со техничката перфекција, психолошкото разбирање и егзистенцијалното размислување, скулптурите на Башески отвараат многу важни прашања за тоа што значи да се биде човек во овој момент во времето кога роботската технологија, клонирањето и вештачката интелигенција ја претворија научната фантастика во реалност. Овие скулптури овозможуваат да се задржиме на човечкото тело во многу различни форми и фази на животот.
Башески во последните неколку години беше дел од светските изложби во повеќе градови како Монтереј (Мексико), Њујорк, Прага, Париз, Билбао, Рига, Копенхаген и многу други.