Скулптура од лидерите на „Г7“ во форма како познатата „Планината Рашмор“, создадена од рециклиран електричен отпад се инсталираше во Корнвол, пред тамошната средба на лидерите на „Г7“, пренесува „БиБиСи“.
Скулптурата е крстена „Планината Рисајклмор“ и се обидува да ја нагласи штетата направена од фрлените електронски уреди.
Скулпторот Џо Раш се надева дека делото ќе покаже дека електронските уреди треба да се прават на поодржлив начин и да бидат поподложни на рециклирање.
„Тие мораат да бидат поиздржливи и нивниот рок на употреба да биде поголем, бидејќи откако ќе се расипат, отпадот завршува во околината“, изјавил тој.
Според американски извештај, над 53 милиони тона електричен отпад бил фрлен во 2019 година, односно 9 милиона тона повеќе за разлика од пет години претходно.
Седумте лидери претставени на скулптурата се британскиот премиер Борис Џонсон, јапонскиот премиер Јошихиде Суга, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанскиот премиер Марио Драги, канадскиот премиер Џастин Трудо, германската канцеларка Ангела Меркер и американскиот претседател Џо Бајден.
Раш, кој бил повикан да го создаде делото од страна на „musicMagpie“, објаснил дека локацијата за неговото дело била избрана за лидерите да можат да го видат од авион при пристигнување на средбата која треба да се одржи викендов.
„Делото гледа кон местото каде ќе се одржи средбата, па се надеваме дека ќе допре до нивната свест и ќе сфатат дека сите сме заедно во борбата против отпадот. Пораката на делото е лидерите да разговараат и да го средат хаосот со отпадот“, дополнил уметникот.