Слаб интерес за мерката субвенциониран студентски оброк, на недела пред крајниот рок за аплицирање

Помалку од една третина од планираните студенти аплицирале за мерката субвенциониран студентски оброк, со која можат да добијат финансиска поддршка од околу 2.400 денари месечно, за 8,5 месеци во годината. Како што информираат од Министерството за образование и наука, досега електронски се пријавиле над 12.600 студенти, а согласно проценките на оваа институција, ова право им следува на околу 40.000 студенти, за што се обезбедени 15 милиони евра.

„Аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк започна на 1 август и согласно јавниот повик трае до крајот на месецот за тековните студенти, додека студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар може да се пријават до 31 октомври. Аплицирањето е едноставно. Се спроведува електронски со прикачување на два документи – пријава и изјава за обработка на лични податоци, а се наведуваат и податоци од трансакциската сметка на студентот“, појаснуваат од МОН за Радио МОФ.

Право да аплицираат има сите редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, не треба да бидат во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата која годинава изнесува 15 194 денари.

Студентскиот субвенциониран оброк треба да се исплаќа секој месец на трансакциската сметка на студентот, во износ кој е еднаков на 120 денари на ден, за секој работен ден во месецот освен за државни, верски празници и неработни денови. Ова право студентот нема да може да го остварува во периодот од 1 јули до 14 септември.

МОН го објави повикот за пријавување за субвенциониран студентски оброк

Мерката за првпат се воведува оваа година, откако во февруари, 2020 година, Собранието го донесе Законот за субвенциониран студентски оброк. Поради пандемијата, лани студентите немаа можност за субвенциониран оброк, а за тоа да случи годинава, Законот претрпе измени пред два месеци. Со измените, кои инаку ќе важат само за студентската 2021-2022 година, МОН доби можност да исплаќа средства директно на трансакциска сметка кај студените.

Првично, законот предвидуваше студентите, преку дигитални картички или мобилна апликација, во работните денови, да можат да ги искористат субвенциите во правните субјекти што ќе склучат договор со Министерството за образование. Под студентски оброк во законот е дефинирано „јадење што се случува во одредено време и вклучува одредена приготвена храна.“

Сепак годинава наместо за оброк, средствата кои ќе ги добијат студентите на сметка, ќе можат да ги користат за што ќе посакаат.

Ј.Ј.