Собрана е целата потребна документација и наредната недела може да започне реконструкцијата на Универзална сала, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска на вчерашната прес-конференција.
„Процесот е завршен, и наредната недела изведувачот веќе може да започне со расчистување и со работа. Парите се обезбедени и реконструкцијата може да започне“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека никој не претпоставуваше дека откако Министерството за култура го презеде правото за обнова на Универзална, дури и по четири ургенции до градоначалничката, до службите и до Советот на Град Скопје, Министерството нема да добие одговор.
„Тимот на Министерството за култура преку Министерство за правда и преку сите релевантни чинители што биле вклучени кога проектот за реконструкција и доградба за Универзална сала се направил, упати ургенции и успеа да ги собрере сите релевантни документи потребни за финализирање на административната постапка. Останува уште да се потпише банкарска гаранција и реконструкцијата може да почне“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа објасни дека процесот ќе се врши со повеќегодишна јавна набавка и дека нема да има никакви пречки до неговата крајна реализација.
Универзална сала е затворена веќе девет години, од 2015 година кога беше најавено дека ќе се урива за на нејзино место да се гради нова сала, во форма на стаклено јајце, при што беше преименувана во Конгресен центар „Александар Македонски“. Сепак, идејата за „јајцето“ пропадна, по што следеа најави за нејзина обнова со можност за зголемување на капацитетот.
Со доаѓањето на градоначалничката функција на Петре Шилегов беше вратено името Универзална сала, во време кога во јавноста се дебатираше дали салата треба да се реновира, да се зголеми, или да се руши. Одлучено беше да се реновира, задржувајќи го автентичниот изглед. Во јуни 2021 година Шилегов најави дека официјално започнува реконструкцијата на објектот. По завршување на неговиот мандат, новото раководство на Град Скопје не го продолжи процесот.