Следните шест месеци ќе се санира блокот А од студентскиот „Гоце Делчев“

Започна реновирањето на блокот А од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Вредноста на проектот е околу 1,5 милиони евра, а рокот за изведба е шест месеци.

Како што соопштија од Министерството за образование и наука, изготвена е техничка документација и за реконструкција на блоковите В и Г, на мензата и партерното уредување во домот.Реновирањето на останатите блоковите ќе се одвива етапно, за студентите да бидат сместени додека траат градежните работи. Блокот Б од домот пак беше саниран кон крајот на минатата година, за што беа потрошени околку 1,4 милиони евра. 

Министерот за образование и наука кој денеска го посети домот заедно со својот колега и заменик министер Спиро Ристовски, соопшти дека е отворен повикот за изградба на два нови студентски дома – „Невена Георгиева-Дуња“ во Скопје и студентскиот дом за Државниот универзитет во Тетово. Според најавите тие ќе имаат капацитети за 300 и за 350 студенти, а отворањето на документациите е закажано за 19 април.

Адеми информираше и дека ќе се набавуваат осум нови лифтови за студентските домови во земјава, но и нов мебел.

Поплава, мувла, расипани лифтови, слабо греење, лоша храна беа само дел од проблемите на кои со години се жалеа студентите сместени во најголемиот студентски дом во земјава. Приказната за мизеријата во „Гоце Делчев“ се најде и во светските медиуми откако студенти на Imgur објавија галерија од животот во домот. Во меѓувреме беше објавен и филмот „Зелени ѕидови, црна храна“ на студентката Сандра Ѓоргиева, која го прикажува животот и условите во „Гоце Делчев“ пасивноста, како и отпорот на студентите, нивните стравови и права.