Екипажот на „Поларис дон“ на Спејс Екс слета на Земјата, слетувајќи во вода во близина на крајбрежјето на Флорида, пренесува Би-би-си.
Станува збор за првата приватно финансирана мисија која вклучуваше вселенска прошетка. Таа беше финансирана од милијардерот Џеред Ајсекман, кој се „прошета“ во орбита.
Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека мисијата претставува „џиновски скок напред“ за комерцијалната вселенска индустрија.
Скот Потит, пензиониран пилот на американските воздухопловни сили и вработените во SpaceX, Сара Гилис и Ана Менон, исто така беа во екипажот. Четиричлениот цивилен екипаж стигна и до 700 километри над земјината површина, подалеку во вселената од кој било друга мисија со луѓе во последните педесет години.
Ајсекман и Гилис се првите непрофесионалци кои извеле вселенска прошетка. Станува збор за ризичен маневар што вклучува намалување на воздушниот притисок во дел од леталото. Досега само астронаути од државни вселенски агенции направиле вселенски прошетки.
За време на мисијата се изведоа повеќе од четириесет експерименти. За да се тестира брзината на сателитската врска, Гилис, која е професионална виолинистка, ја отсвири „Темата на Реј“ од „Војна на ѕвездите“ во живо со оркестар на Земјата.
Мисијата „Поларис дон“ е една од три планирани мисии, сите во соработка меѓу Ајсекман и Спејс Екс.
„Дома има многу за подобрување и нè чека многу работа, но од овде изгледа како совршен свет“, вели Ајсекман.