Слика направена од хуманоиден робот продадена за милион евра

Портрет на таткото на модерната компјутерска наука Алан Тјуринг направена од хуманоиден робот со вештачка интелигенција влезе во историјата, со тоа што беше продадена за 1 милион евра на аукција, јавува Евроњуз.

Меѓународната аукциска куќа „Сотбис“ објави дека за дигиталното уметничко дело имало 27 понуди, а продажбата ги надминала очекувањата. Првично, делото се очекувало да достигне цена помеѓу 113 и 169 илјади евра.

Делото, создадено од Аи-Да означува историска пресвртница како прво уметничко дело на хуманоиден робот продадено на аукција.

Роботот кој е создаден во 2019 година може да црта и слика благодарение на високотехнолошките камери сместени во очите, сложените алгоритми со вештачка интелигенција и специјално дизајнираната роботска рака. Работата на роботот го привлече глобалното внимание, изложувајќи се на престижни места како што се Биеналето во Венеција, музејот „Ашмолин“ во Оксфорд, па дури и со самостојна изложба во лондонскиот Музеј на дизајнот во 2021 година.

Аи-Да не е во состојба да твори без човечка помош. Секое нејзино уметничко дело започнува со првичен разговор користејќи го нејзиниот јазичен модел со вештачка интелигенција, на пример, таа го предложи Алан Тјуринг за портрет. Откако ѝ беше покажана фотографија од Тјуринг, таа направи серија прелиминарни скици и слики на А3 платна. Овие скици потоа беа комбинирани за да се создаде конечно уметничко дело.