Мала уметничка слика од Адолф Хитлер, без наслов, за прв пат ќе биде изложена во музеј во северна Италија.
Сликата, во техника масло на платно, е отстапена од германски приватен колекционер на Музејот Сало, на брегот на Езерото Гарда, за изложба која е наречена „Музеј на лудилото“, јавува Кориере дела Сера, пренесува ББЦ. Сликата прикажува два мажи во темен ходник кој се протега во позадината.
Кураторот на изложбата не гледа уметнички квалитет во сликата за која не се знае кога е изработена.
„Се работи за парче ѓубре. Тоа е слика на безнадежен човек, можела да биде насликана и од Кафка. Говори повеќе за неговата психа. Овде не гледате величественост, туку мизерија“, објаснува кураторот Виторио Згарби.
Познато е дека Хитлер конкурирал за студии на Уметничката академија во Виена во 1900-тите, но бил одбиен два пати. Иако се сметал за просечен уметник, неговите дела достигнале значителни парични суми на аукции во последниве години.
Покрај делото на Хитлер, на изложбата ќе има и слики од реномираните уметници како Франциско Гоја и Френсис Бејкон. Изложбата има и фотографии, скулптури и мултимедијални инсталации – сите од нив ја истражуваат темата на лудоста низ уметничката историја.
Изложбата била отворена во саботата, во малото гратче Сало, кое на некој начин претставува пригодна средина за делото на германскиот нацист, бидејќи тука се наоѓала престолнината на фашистичката власт на Бенито Мусолини помеѓу 1943 и 1945 година.