На социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм јасно ќе бидат означени сликите кои се генерирани со вештачка интелигенција, а ова е дел од пошироката иницијатива на технолошката индустрија за сортирање помеѓу она што е реално и не, јавува Асошиејтед прес.
Компанијата Мета пред два дена истакна дека со индустриските партнери работи на технички стандарди кои ќе го олеснат идентификувањето на сликите и евентуално и видео и аудио содржините генерирани од алатките за вештачка интелигенција.
Она што останува да се види е колку добро ќе функционира во време кога е полесно од кога било да се направат и дистрибуираат слики генерирани со вештачка интелигенција кои можат да предизвикаат штета.
Претседателот за глобални прашања на Мета, Ник Клег, не прецизираше кога ќе се појават ваквите ознаки, но рече дека тоа ќе биде „во наредните месеци“ и на различни јазици, истакнувајќи дека „голем број важни избори се одржуваат ширум светот”.
Компанијата Мета веќе става ознаки кои гласат „Замислено со вештачка интелигенција“ на фотореалистичните слики направени со сопствената алатка, но повеќето од содржините генерирани од вештачката интелигенција што ги преплавуваат нејзините услуги на социјалните мрежи доаѓаат од друго место.