Во последно време, ако нешто постојано ми излегува пред очи, тоа е поимот слобода. Можеби, ако се направи некое истражување за најупотребувани зборови во медиумите и на социјалните мрежи, таа ќе биде меѓу топ пет. И не случајно. Слобода за медиумите, слобода за Кежаровски, слобода за Кили, и не навлегувајќи во секој случај посебно, сите интимно чувствуваме дека и покрај „тежината“ на нивните „дела“ таа им припаѓа, односно е на нивна страна. Натежнува во однос на неслободата. Па дури, постои и активност на Плоштадот за секој минувач да запише што лично за него претставува слободата.
Настрана се, гледајќи што се случува, интимно чувствувам дека нешто овде не „штима“. Зошто? Пишуваме за НАТО и ЕУ и имаме цел да влеземе. Пишуваме за економија, имаме цел да достигнеме подобар стандард на граѓaните. Пишуваме за проблемот со името, „ваљда“ имаме цел да го решиме. Пишуваме за слободата, па дали имаме цел да ја постигнеме. Оттука се прашувам, дали за нешто кое сме го имале, а не сме ни свесни дека сме го изгубиле, повторно треба да се бориме и да го освојуваме. Мислев дека прашањето на слободата е одамна завршена работа. Но, актуелните случувања водат кон тоа дека и не било. Ако се направи некоја анкета „ Дали се чувствувате слободни да го кажете она што го мислите и дали воопшто ја чувствувате слободата околу себе“, којзнае какви одговори ќе се добијат.
Слободата на медиумите и изразувањето се загарантирани со Устав и не беа доведена во прашање, барем колку што се сеќавам.Но невидливи сили и непишани закони и правила кои се над Уставот, веројатно придонесоа таа повеќе со ништо да не може заштитена, ниту гарантирана. И не само слободата на медиумите, туку слободата во се.
Се подразбира дека во ера на социјални медиуми, истата и треба да биде најсилна. Но дали е? Во разговори со пријатели се повеќе наидувам на размислувања дека им е страв да напишат ваков или таков статус на Фејсбук, или се двоумат да лајкнат одреден коментар, иако им се допаѓа. Или пак за одредени статуси кои тие ги напишале, коментарите за поддршка пристигнуваат во инбокс, без истите јавно да бидат видени. Овие мали бенигни примери ми ја поткрепуваат тезата дека организмот на слободата е сериозно болен. Веројатно е потребна дијагноза, за да се лечат причинителите. Сакале или не, сите сме заразени со неговата болест.
Ако како новинар двапати треба да размислам што да напишам, или како граѓанин се двоумам дали да напишам ваков или онаков статус, или ако треба да се подразмислам во чие опкружување што треба да кажам, тогаш давам еден голем „дислајк“ за слободата. Извинете, ама тоа не е слобода!
Во општество кое се декларира како слободно и кое вели дека во него секој може да прави, да мисли, да каже што сака (без да се коси со законот нормално) не постојат овие невидливи стеги кои секој во себе длабоко ги чувствува.
Кај нас,таман и да не ни се наметнати, сами сме си ги создале. Како одбранбен механизам.Што е уште пострашно!
Настрана слободата на мислата, говорот, дејствувањето, Македонецот и во други форми е неслободен. Климата во општеството општо ја потхранува зависноста од било кој облик. Зависност од работодавач кој не те заслужува како работник, зависност од партнер кој не те заслужува како личност, зависност од родители без твоја волја, итн итн.
Оттука како поборник за слободата во било која форма и било кој облик јас велам слобода за мене, слобода за тебе. Само ослободени можеме да го дадеме најдоброто од себе и да бидеме корисни за општеството, за најблиските и за пријателите. Слободни чиниме чуда, во спротива чудата не чинат нас, па сме некако чудни за сите околу нас.
Крилјата на духот и слободата треба да бидат раширени што повеќе, од птици во кафез и без крилја никој не видел аир. Да не сфатиме предоцна!