Концептот за бесплатно високо образование е отстварлив и реален, но очигледно недостига политичка волја кај естаблишментот за тој да се реализира, велат активистите од студентското движење Слободен Индекс.
Според нивното последно истражување за да има јавно субвенционирано образование на целиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, доволни се само дополнителни 0.3 % од државниот буџет.
„Значи, со една мала распределба ова би било возможно, особено ако имаме во предвид колку пари се потрошени на непродуктивни проекти како „Скопје 2014“. Бесплатното образование (подобро би било да се каже јавно субвенционирано) е јавно добро кое не може да се стави под бизнис логика и до кое сите граѓани без оглед на нивната социо-економска положба треба да имаат пристап. Нормално тоа треба да биде пропратено со автономија на Универзитетот и со квалитетот на тоа образование“, изјави студентот Дејан Лутовски од СИ за Радио МОФ.
Според студентското движење, бесплатното образование во моментот го има во повеќе поразвиени но и доста посиромашни земји од Македонија, како Бразил, Куба, Германија, Франција, Италија, Грција, Шкотска, Данска, Египет, Барбадос, Кенија, Перу, Алжир, Бутан, Аргентина, Шри Ланка, Шпанија, Турција, Тринидад и Тобаго, Малта, Индиа, Норвешка и други.
Активистите на Слободен Индекс изработија и инфографик со кој сликовито ги објаснуваат можностите за спроведување на бесплатно високо образование во земјата.
Од министерството за образование и наука за Радио МОФ иако се уште не го коментираат предлогот на Слободен Индекс, велат дека во моментот трошоците за образованието во Македонија се сведени на минимум.
„За разлика од некои други времиња, направено е подобрување на условите за студентите, континуирано се зголемува буџетот, значително се намалени партиципациите за студентите, основното и средното образование се бесплатни, партиципацијата е намалена на 200 евра, се отворија 65дисперзирани студии каде партиципацијата е 100 евра годишно и трошоците се сведени на минимум“, вели портпаролот на МОН, Давор Политов.
Пред десетина години, средношколците со одличен успех и со солиден број на поени на приемните испити, имаа можност да влезат во државната квота на факултетите и да студираат бесплатно, што подоцна беше укинато. Студентите што тогаш се запишуваа во приватна квота, плаќаа партиципација од 1000 до 2000 евра.
К.О.