„Слободен индекс“ упати повик до сите студенти кои се сметаат за пријатели на здружението и сакаат да алармираат за состојбите на нивните факултети, да и пишат на студентската организација, за нивниот проблем полесно да стигне до пошироката јавност.
Еве го интегралниот текст од повикот на „Слободен индекс“ во кој се бараат студенти-дописници:
„Образовниот систем одамна колабира и веќе е клинички мртов. Состојбата е катастрофална. Слична е и состојбата по домовите, а сериозно загрижувачки се и притисоците што ги трпат студентите таму, недостигот на елементарни услови за живот, корумпираноста и бизнисот со леглата и слично.
Од тој аспект, секој во земјава би требало да биде запознаен со тоа што се случува со образовниот систем и студентските домови. Како движење, ние, активистите од Слободен Индекс не можеме баш секогаш да ги следиме сите тие случувања, едноставно – физички е невозможно. Ние не сме студентски парламент, ниту пак имаме предизборна програма со ветувања, а уште помалку заработуваме од вас – студентите. Ние постоиме за да поттикнеме студентска борба и да го артикулираме гневот на продуктивен начин, со цел да се избориме за автономни, слободни универзитети, бесплатно образование, пристоен студентски стандард и услови во студентските домови, односно во крајна линија – квалитетен и еманципаторен образовен систем кој нема да произведува евтина работна рака и автоматизирани мозоци, туку критички настроени студенти, двигатели на општествените процеси.
Затоа, ве повикуваме – тие што сметате дека немате доволно време активно да се вклучите во движењето и да присуствувате на неговите состаноци, а сакате да бидете пријатели на движењето – еден вид на волонтери, да станете дописници за Слободен Индекс. Свесни сме дека стравот е присутен, а исто и дехуманизацијата на општеството е сè поголема, паралелно со притисоците врз студентот, па еве, на овој начин секој од вас би можел да допринесе во борбата за образовниот систем – на својот факултет.
Што треба да направиш?
Едноставно, биди студент. Ти знаеш што се случува на твојот факултет – следи ги тие настани и кога и да чувствуваш дека некое случување заслужува внимание од пошироката јавност, извести нè на нашиот email – sloboden.indeks@gmail и ние ќе го објавиме тоа, а се разбира твојот идентитет, доколку ти имаш желба – ќе биде заштитен, односно ќе бидеш анонимен.
Еден свет, една борба! Образованието не е за продажба!“
Слободен Индекс