Седум македонски студенти добија стипендии за студирање во Словачка. На четворица од нив им беа доделени решенија за целосни стипендии за прв и втор степен универзитетски студии на државните универзитети во Словачка со вклучена едногодишна програма за изучување на словачкиот јазик. Тројца пак добија стипендии за посета на курс за учење на словачкиот јазик и подготвителен курс за полагање на квалификациски приемни испити на Универзитетот „Комениус“ во Братислава.
Како што појасни амбасадорот на Словачка, Роберт Кирнаг македонските студенти во јавните универзитети во Словачка можат да студираат под исти услови, како словачките без плаќање на школарина.
„Секоја година нудиме стипендии за мобилност во мај и октомври, тоа значи студентите кои се запишани во Македонија можат да престојуваат во Словачка на определено време и пак да го продолжат образованието во Македонија. Според програмата за соработка помеѓу двете министерства за образование и наука на тројца студенти им се овозможува да престојуваат по десет месеци во годината“, изјави Кирнаг на денешното врачување решенија за стипендистите.
Тој информираше и дека веќе се започнати се преговори со гимназијата „Орце Николов“ за таму да се воведат курсеви по словачки јазик со цел идните студенти да имаат познавање уште додека се во Македонија.
Владата на Словачка досега има доделено околу 40 стипендии на македонски државјани по различни основи.