Три словенечки општи покрај реката Сава – Кршко, Севница и Бежице – добија 68.000 евра субвенции за проектот „Паметни села на иднината“ од европскиот фонд за рурален развој, потврди националната агенција за развој на земјоделството и селото.
Со тие средства општините, меѓу кои е Севница во која пораснала сегашната американска прва дама Меланија Трамп, ќе се финансираат проекти од концептот на европското паметно село, како поврзување на локалните произведувачи на храна со потрошувачите, курсеви од областа на дигиталната технологија, образование и освестување на младите за да останат во селата, јакнење на меѓугенерациската солидарност и заштита на оние на кои им треба социјална помош.
На проектот „Паметни села на иднината“, во кој се вклучуваат сѐ повеќе општини од руралните делови на Словенија, меѓу основните цели му е спречување на негативното демографско влијание на глобализацијата врз селото, јакнење на услужните дејности за жителите на руралните области и намалување на брзото иселување на младината во градовите или во странство.
„Верувам дека развиеното село еднаш ќе стане идентитет и срцето на Европа. Проектот паметно село во фокусот го става човекот кој во својата средина, на село, мора да има доволни приходи за квалитетен живот, што значи дека тогаш селото не би го напуштале ни младите“, кажа eвропратеникот од Словенечката народна партија (СЛС) и поранешен градоначалник на Кршко Франци Богович, додавајќи дека иднината на Словенија е во производството на здрава храна и еколошкиот туризам.