Врховниот суд во Словенија пресуди дека забраните за венчање и посвојување деца на истополови двојки се неуставни и наложи на парламентoт да го измени законот во рок од шест месеци за да го гарантира правото, пренесува „Еуроњуз“.
Судиите на Уставниот суд донесоа одлука за двете прашања во петокот, велејќи дека словенечките закони кои дозволуваат само бракови и посвојувања од различен пол ја прекршуваат уставната забрана за дискриминација.
Дискриминацијата на истополовите парови „не може да се оправда со традиционалното значење на бракот како заедница меѓу маж и жена, ниту со посебна заштита на семејството“, се вели во пресудата.
Одлуката, за која судот рече дека има непосредна сила, го пробива теренот за правата на ЛГБТИ+ заедницата во Централна и Источна Европа, каде што неколку земји имаат уставни забрани за истополови бракови и ниту една досега не дозволува венчавка на парови од ист пол.
Хрватска, Чешката Република, Унгарија и Црна Гора имаат закони за воспоставување на истополови граѓански партнерства.
Судската одлука во Словенија, дојде само неколку недели откако либералната национална влада ја презеде функцијата, заменувајќи ја онаа предводена од десничарските конзервативци.
Додека судот им даде на законодавците шест месеци да ги изменат постојните закони за да се усогласат со пресудата, бараните измени ќе бидат готови за една или две недели, рече Лука Месец, министер за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности.
Судот го презеде ова прашање по жалбите на две истополови двојки кои не можеа да се венчаат или да се квалификуваат да посвојуваат деца.“