Иницијативата на жени од Шуто Оризари реагираат за случај каде 25-годишната ромка, Мевлиде, не добила медицинска грижа за нејзиниот 13 месечен син. Оттаму прашуваат дали Хипократовата заклетва важи кога се во прашање Ромите од Шуто Оризари.
„Здравјето е основно човеково право загарантирано со Уставот на РСМ и со меѓународни договори. Но ова не важи за општината Шуто Оризари која, поради недостигот на лекари и немањето на сензибилитет, изобилува со примери за непружање медицинска грижа. Мевлиде е 25-годишна мајка на малиот Дестан кој има само 13 месеци. Дестан нема извод од матичната книга на родените бидејќи неговите родители дури во април годинава поднеле барање за задоцнет упис. Причината за доцнењето е што морале одново да ги обезбедат сите лични документи откако претходните ги загубиле во пожар во кој целосно им изгорела куќата и им починале две деца“, велат од Иницијативата.
Според иницијативата, медицинската негрижа се случила кога поради висока температура на нејзиниот син, Мевлиде се упатила кај матичната лекарка на нејзината ќерка во поликлиниката во Шуто Оризари. Нејзината ќерка исто така имала кашлица.
„Мевлиде влегла сама со двете деца на преглед кај докторката која ѝ е матична лекарка на Мелиса. Мевлиде ја замолила докторката да го прегледа и Дестан бидејќи имал висока температура и тешко дишел. Докторката ѝ одговорила дека ќе го прегледа, но на приватно бидејќи сè уште немал здравствено осигурување. Откако маж ѝ на Мевлиде ѝ потврдил дека имаат 300 денари, колку што чинел прегледот, Мевлиде се согласила докторката да го прегледа и Дестан, но поради тоа што е на приватно, ѝ рекла дека сака целосен и добар преглед“, пренесуваат од Иницијативата, додавајќи дека на тие зборови лекарката одбила да пружи помош и ја избркала Мевлиде од ординацијата.
Од Иницијативата на жени од Шуто Оризари велат дека во момент на револт, Мевлиде го фрлила дезинфекционото средство кое стоело кај шалтерот, по што друга докторка влегла и силно ја зграпчила Мевлиде за рака, нанесувајќи ѝ видливи траги.
„Внатре, во заклучената ординација, докторките ја навредувале Мевлиде и цврсто држејќи ја за рака, не ѝ дозволувале да излезе надвор, сè додека сопругот на Мевлиде не ги слушнал врискотниците и не инсистирал да влезе внатре. Во истиот момент докторките го повикале обезбедувањето. Дестан и натаму „горел“ од температура. Дури откако стигнало обезбедувањето, Мевлиде излегла надвор. Заедно со децата и сопругот, таа веднаш се упатила до Клиниката за детски болести, а докторките викнале полиција бидејќи наводно се плашеле за својата безбедност“, пренесуваат од Иницијативата.
Од Иницијативата споделуваат дека викотниците од поликлиниката во Шуто Оризари ги слушнале и тие.
„Ваквите случаи ја оправдуваат нашата загриженост за недостигот на матични лекари во Шуто Оризар, што секојпат негативно се одразува на квалитетот на здравствените услуги. Ја искажуваме и нашата загриженост за целиот случај кој е еден од многуте кои завршуваат со инцидент, а се резултат на немањето на сензибилитет и на непружањето на медицинска грижа кога станува збор за ромската заедница“, дополнуваат оттаму.
За случајот известуваат и од Мрежата за заштита од дискриминација од каде што велат дека здравјето е основно човечково право загарантирано со Уставот на РСМ и со меѓународни договори.
„Но ова не важи за општината Шуто Оризари која, поради недостигот на лекари и немањето на сензибилитет, изобилува со примери за непружање медицинска грижа. Случајот на Мевлиде и нејзиниот син Дестан е само една од многуте ситуации кога на Ромите не им се пружена здравствена грижа и се дискримирани само поради тоа што се Роми“, се велат оттаму.
Од Мрежата за заштита од дискриминација ги повикуваат надлежните институции, односно Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Комисијата за унапредување на правата на пациентите, Лекарската комора, Народниот правобранител, како и Комисија за заштита и спречување на дискриминација да постапат по поднесените претставки и да обезбедат еднаков пристап до здравствени услуги за ромската заедница.