Случајот Проташевич – „голема грешка која го врати фокусот на политичката криза во Белорусија“

Патнички авион на авиокомпанијата „Рајанер“ во 10 часот и 10 минути на 23 мај полета од аеродромот во Атина. Неговата крајна цел беше главниот град на Литванија, Вилнус. Но, неколку минути пред да влезе на територијата на земјата, прелетувајќи над Белорусија, екипажот добива информација од белоруската авијација дека има можност за потенцијален безбедносен ризик во авионот и добива инструкции да слета во Минск, наместо во Вилнус.

По дојавите за наводна бомба, како што извести државната новинска агенција „Белта“, и личната наредба на претседателот Александар Лукашенко кој е на власт веќе 27 години, за приземјување на авионот, безбедносните сили во авионот не наоѓаат ништо. Но, го наоѓаат новинарот, активист и дисидент Роман Проташевич – 26-годишно момче кое живее во егзил, и го апсат.

Движењето на авионот „FR4978/RYR1TZ“ на „Рајанер“

Проташевич стана познат по тоа што беше главен уредник на „Телеграм“ каналот „Некста“ кој за време на масовните демонстрации кои избија по претседателските избори во Белорусија на 9 август, а кои не беа признаени од опозицијата, пренесуваше информации за протестното движење, како и фотографии и видео-снимки од апсењата и бруталните сцени од протестите каде беа уапсени илјадници демонстранти.

Веднаш потоа, се појавија сомневања дека белоруските власти го приземјиле авионот со цел да го уапсат критичкиот новинар.

На 5 ноември минатата година, заедно со неговиот колега Степан Путило беа обвинети за организирање масовни немири, дејствија што грубо го нарушуваат јавниот ред и мир и поттикнување на социјално непријателство засновано врз професионална припадност. Две недели подоцна, Комитетот за државна безбедност на Белорусија (КГБ) нив ги става на „список на организации и лица вклучени во терористички активности“ за „масовни немири“.

Неколку дена по апсењето, во јавноста излегува видео на кое Проташевич признава дека организирал масовни протести во Минск.

„Можам да кажам дека немам никакви здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви или други болести. Полициските службеници се однесуваат правилно и според законот. Исто така, сега продолжувам да соработувам со истрагата и давам признание за  организирање масовни протести во Минск“, вели Проташевич на видеото кое според белоруските медиуми е првично споделено на про-владин „Телеграм“ канал.

Таткото на новинарот, Дмитри, по објавувањето на видеото истакна дека ваквата изјава на Проташевич е изнудена.

„Мислам дека беше принуден. Ова не се негови зборови, не е неговата интонација на говорот, тој делува многу воздржано, и можете да видите дека е нервозен. Мојот син не може да признае дека создал масовни немири, бидејќи тој едноставно не сторил такво нешто. Малку е веројатно дека дојдол до договор со обвинителите. Мислам дека е само принуден да ја сними пораката“, изјави Дмитри.

Истовремено, Дмитри посочи дека изгледа дека неговиот син е претепан, велејќи „многу е веројатно дека неговиот нос е скршен, бидејќи неговиот облик е променет“.

Еден ден подоцна, во јавноста се прошири уште едно видео. Овој пат од младата русинка Софија Сапега, девојката на Проташевич која исто така беше уапсена по приземјувањето на авионот во Минск.

„На 23 мај 2021 година летав со истиот авион со Роман Проташевич. Јас сум исто така уредник на канал на ‘Телеграм’, ‘Чернаја Книга’ кој објавува приватни информации за лица од полициски служби“, вели Сапега во пораката.

Катарина Јерусалимскаја, која е пријателка на Проташевич, во изјава вели дека Сапега едноставно била „на погрешно место во погрешно време“.

„Сигурна сум дека таа нема никаква врска со политика, новинарство или блогирање. Таа е нормална студентка на Европскиот универзитет за хуманистички науки, во Литванија. Најмногу што може да правела е да помага како волонтер. Но, таа не се занимава со политика или со организирање масовни немири, како што велат пропагандистите“, рече Јерусалимскаја.

Бомба од „Хамас“?

Белоруските власти еден ден по апсењето на Проташевич истакнаа дека дојавата за бомба наводно пристигнала во име на палестинската милитантна група „Хамас“. Подоцна, се појави и снимка од испратениот мејл со наслов „Алаху Акбар“, на извесен Ахмед Јурланов.

Наводната порака испратена во име на „Хамас“

„Ние, војниците на Хамас, бараме Израел да прекине со огнот во Појасот Газа. Бараме Европската Унија да се откаже од поддршката за Израел во оваа војна. Знаеме дека учесниците на економскиот форум во Делфи се враќаат дома на 23 мај со летот ‘FR4978’. На овој авион е поставена бомба. Ако не ги исполните нашите барања, бомбата ќе експлодира на 23 мај над Вилнус. Алаху Акбар“, стои во мејлот испратен до официјалната електронска пошта на белоруските аеродромски служби.

Од организацијата „Хамас“ која заедно со израелските власти пред една недела се согласија на примирје на 11-дневната војна, набрзо ги отфрлија овие обвинувања, велејќи дека групата „нема никаква врска со тоа“.

„Ние не прибегнуваме кон овие методи, што би можело да го сторат некои сомнителни страни кои имаат за цел да го демонизираат Хамас и да ја спречат состојбата на светско сочувство со нашиот палестински народ и нивниот легитимен отпор“, рече портпаролот на „Хамас“.

Случајот со приземјувањето на авионот предизвика бројни меѓународни реакции.

Европската Унија се согласи да ги заостри санкциите против Белорусија. Лидерите на Унијата повикаа на забрана за летови на белоруски авиокомпании над територијата на ЕУ и ги повикаа авиокомпаниите со седиште во ЕУ да го избегнуваат белорускиот воздушен простор. Па така, бројни европски компании го одбегнуваат воздушниот простор над земјата.

На оваа тема заседаваше, зад затворени врати заседаваше и Советот за безбедност на Обединетите нации.

Според лидерката на опозицијата и противкандидатка на Лукашенко на последните претседателски избори, Светлана Тихановскаја, која пред една недела патуваше на истата релација, пренасочувањето на авионот била „огромна грешка“ од режимот, затоа што, како што рече за „Евроњуз“, „го врати фокусот на политичката криза во земјата.

Белоруската опозиција сега се подготвува за „нова фаза“ на активни протести против авторитарниот лидер Лукашенко.

Во заедничкото соопштение на Координативниот совет кој беше формиран од опозициски лидери по спорните претседателски избори, се вели дека тие „се обединети во проценката дека Белорусија станала ‘црна точка’ на светската мапа како резултат на несовесните активности на нелигитимниот режим“.

Во меѓувреме, бројот на политички затвореници во земјата се искачи на 423 лица. Според организацијата за човекови права „Весна“  меѓу нив се наоѓаат блогери, бизнисмени, членови на претседателски кампањи и мирни демонстранти

„(Тие) се наоѓаат во затвори само затоа што не се плашеле да ги остварат своите права – правото да учествуваат на мирни собири, да го искажат своето мислење и да бидат вклучени во политички активности. Повеќето од овие луѓе беа мета на политички мотивирано кривично гонење во врска со настаните што се случија за време и по претседателските избори во август 2020 година“, стои на нивната веб-страница.

„Најопасната земја во Европа за медиумските работници“

Помалку од една недела пред случајот со апсењето на Проташевич, белоруската јавност беше затекната од веста дека пристапот до водечкиот веб-медиум во Белорусија „TUT.by“ е оневозможен. Финансиската полиција во земјата изврши рации во канцелариите на медиумот, а причината за тоа беше кривична постапка која е покрената за наводно затајување данок. За време на акцијата беа уапсени најмалку 12 лица.

Според меѓународната организација Репортери без браници, Белорусија е најопасната земја во Европа за медиумските работници.

Претседателот на Белоруската асоцијација на новинари, Андреј Бастунец за Радио МОФ изјави дека од постоењето на независниот печат во земјата, минатата година и првите месеци од оваа година се покажале како најтешки за тамошните медиуми.

Истовремено тој посочи дека до израз доаѓа „систематската природа на притисокот од властите во сите области поврзани со медиумите“.

М.К.