Од 11-ти април до 6-ти јуни, на Радио МОФ, имавте можност да ја слушнете емисијата „Приказните на бегалците“. Емисијата се емитуваше секоја втора среда, во 14:00 часот и ја водеа Нина, Мрв и Ивона кои со избраните гости се обидоа да ги доближат слушателите до неколку лични приказни на бегалците.
Доколку не сте имале можност да ги преслушате емисиите тоа можете да го направите во продолжение:
Во првата епизода од емисијата гостуваше Димитар Низамовски, дипломиран правник и координатор на програмата „Учиме право“ на Младински образовен форум, кој зборуваше за човековите права и слободи, Европскиот суд за човекови права и Европската конвенција за човекови права. Во рубриката читачка проба, беше читан делот „Бивша Шведска“ од драмскиот текст „Евроалиен“ на Горан Стефановски.
Во втората епизода од емисијата гостуваа Мирјана Мирчевска- професорка на Институтот за етнологија и антропологија на Универзитетот Кирил и Методиј, која зборуваше за антропологијата на миграциите и културолошкиот аспект на миграциите, и Димитар Ванчов- магистер по правни науки и предавач на програмата „Учиме право“ на Младинскиот образовен форум, кој зборуваше за правниот аспект на миграцијата. Во рубриката читачка проба, беше изведена поемата „Што бев“, напишана од сиријска бегалка.
Во третата епизода од емисијата гостуваа Јасмин Реџепи од невладината организација Легис, кој зборуваше за неговото искуство во работата со мигрантите и бегалците, и Александра Ефремова од Македонското здружение на млади правници, која зборуваше за правната рамка за барање на македонско државјанство. Во рубриката читачка проба, можете да ја слушнете вистинската приказна на Тарек, бегалец од Сирија.
За четвртата епизода од емисијата, Нина, Мрв и Ивона го посетија Прифатниот центар за баратели на азил- Визбегово и позборуваа со барателите на азил во државава, од чии приказни, за оваа емисија ја издвоивме приказната на Али Раза. Во рубриката читачка проба, во оваа емисија, ќе можете да го слушнете текстот „Трошки“, адаптација на дијалог од YouTube видео снимено на почетокот на војната во Сирија.
Во последната, петта епизода, гости беа Бесник Емини – доктор на науки по историја и истражувач во Институтот за духовно културно наследство на Албанците во Македонија и Ивана Петковска – претставник од Коалицијата Сите за правично судење. Исто така, во оваа епизода, ќе можете да чуете две кратки интервјуа со баратели на азил кои престојуваат во Прифатниот центар за баратели на азил- Визбегово. Во рубриката читачка проба, го имаме текстот „Храброто момче“, адаптација на монолог од YouTube видео снимено веднаш по бомбардирање на еден кварт на Алепо, Сирија.
Проектот „Приказните на бегалците“, во чии рамки е и оваа емисија, поврзува два различни пристапи за создавање на разбирање меѓу младите во земјата за незавидната ситуација на бегалците. Еден пристап е оној на градење на знаења и информации, разбирање на правната рамка и правата. Другиот е создавање на врски и градење емпатијата.
Овој проект е имплементиран од Младински образовен форум со поддршка од проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“. Проектот „Развој на капацитети на одбрани чинители кои работат со баратели на азил во Србија и Македонија“ е воспоставен од German Federal Ministry for Economic Cooperation and Development (BMZ), а управуван од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.