Звукот на Охридското Езеро, на неговите длабочини, но и урбаниот хаос, станаа достапни до граѓаните преку сајтот насловен „Гласот на Охридското Езеро“, кој ги спои уметноста, технологијата и природата.
Целта на проектот е да ги потсети луѓето на убавините на Охрид и Охридското Езеро, и да влее порив за негово зачувување. Затоа, по иницијатива на Македонски Телеком, кој ги впрегна своите технолошки капацитети и заедно со Фестивалот “Охридско лето” како партнер, остварија соработка со еден од најиновативните музички композитори во земјава, Џијан Емин, кој го прифати предизвикот и ги сними звуците на Охридското Езеро збогатувајќи ја на уникатен начин македонската музичка ризница и создавајќи трајна уметничка вредност.
„За многумина можеби звучи чудно и се прашуваат како тоа е возможно и како функционира! Сложен компјутерски алгоритам „се храни” со активни податоци и варијабли директно врзани со Охридското Езеро (временски услови, период од денот, длабочина, жив свет, надворешни фактори и друго). Потоа, алгоритaмот сето тоа го „преведува“ во звучни мостри креирани од Џијан Емин, со што на природниот спектакл за прв пат му е даден глас преку кој можеме да ги чуеме звуците на нашиот бисер“, појаснуваат иноцијаторите на „Гласот на Охридското Езеро“.
За половина месец сајтот забележа половина милион посети, од земјава и странство, кои имаа единствена можност да уживаат во иновативната музичко-технолошка авантура.