„Слушнете нè: Здравството е за сите!“: Млад знак бара непречен пристап до здравствени услуги за глувите и наглувите лица

По повод денешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост, 3 декември, Младинското здружение на глуви и наглуви „Млад знак“ одржа состанок со министерот за здравство Арбен Таравари на кој побара итно да се овозможи непречен пристап до здравствени услуги за глувите и наглувите лица во земјава. Како што велат, ова го бараат со оглед на актуелната состојбата во која глувите и наглувите лица не можат редовно и целосно да остварат здравствена заштита за себе и за своите семејства.

„На оваа средба го запознавме министерот со предизвиците на глувите лица при пристапот до здравствени услуги, споделивме конкретни препораки и решенија кои целат да ги надминат потешкотиите во секојдневието на младите глуви лица. Беа презентирани реалните секојдневни и решливи проблеми на глувите и наглуви лица во остварување на правата и услугите во здравствениот систем, а со цел да се подобри еднаквоста во здравствениот систем“, информираат од „Млад знак“.

Според нив, за да се овозможи ова потребно е да се операционализира плаќањето за толкувањето на знаковен јазик за исполнување на здравствените потреби на глувите и наглувите лица, да се информира и обучи здравствениот персонал за разбирање на потребите и за начините на овозможување на здравствените услуги за глувите и наглувите лица, да се направат здравствените информации пристапни за глувите и наглувите лица, како и да се интегрира евиденцијата на глуви и наглуви лица во здравствениот систем.

„Исто така, ги повикуваме да ни се придружат и се надеваме на целосна и искрена поддршка од сите заинтересирани страни, асоцијации и здруженија на глуви и наглуви лица бидејќи и ние како и другите граѓани на оваа земја имаме право да бидеме здрави и да добиеме здравствени услуги кога ни требаат и каде што ни требаат“, додаваат од младинското здружение.

Иницијативата „Слушнете нè: Здравството е за сите!“ доаѓа од Младинското здружение на глуви и наглуви лица „Млад знак“, а се спроведува со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер во рамки на проектот „Практикувај демократија“ финансиран од Британската амбасада во Скопје.