Младинскиот образовен форум (МОФ) и Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“ во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, на 23 септември од 18 часот во МКЦ го организираат настанот „Слушни ме“ за одбележување на Меѓународниот ден на знаковен јазик.
„Со задоволство ве покануваме ‘да се слушнеме’ на ‘Слушни ме’. Придружете ни се на инспиративна вечер и слушнете ги членовите од глувата заедница кои преку моќни говори ќе ги споделат своите инспиративни приказни, предизвици и успеси и дојдете заедно да го прославиме богатиот идентитет и култура на оваа заедница и да ја истражиме моќта и убавината на македонскиот знаковен јазик“, велат од МОФ и „Млад знак“.
Говорниците на „Слушни ме“ се сопственици на бизниси, професори, родители, едукатори, толкувачи на знаковен јазик, млади кои, како што велат, обожаваат и чувствуваат музика и сакаат да бидат слушнати.
„Зошто да присуствувате? Прославете го со нас разноликиот а истовремено обединувачки идентитет на заедницата на глувите. Дознајте за македонскиот знаковен јазик и неговото значење. Инспирирајте се од лични приказни за упорност и застапување“, посочуваат организаторите.