SMCK, Glodaragz и Nerses Malakjan се електронските артисти кои ќе настапат на второто издание од Bass Friday кои секој петок се одржуваат во клубот Перон 8 на железничката станица во Скопје. Како што најавуваат организаторите на Bass Friday @Peron 8 ќе се презентира најдоброто од drum’n’bass, dubstep, trap и сродните правци во музиката.
„Овој петок задолжени за бас возењето ќе бидат SMCK – човекот со мрсни trap-ови, Glodaragz – the happy-go-round raver и Nerses Malakjan – селекторот без crew, стил или жанр. Очекувајте патување низ сите сфери на бас музиката, од длабок dubstep и трап – низ карневалски beats – до крвав neurocore“, се наведува во поканата за петочната забава.
Првата од серијата забави помина со настапите на електронските артисти Anomalia Nativa и Kesko и со шоуто на визуелните артисти Lazy Kidz Visualz кои се дел од Bass Friday забавите. Покрај настапи на најистакнатите домашни имиња од електронската сцена, во периодот што следи се најавуваат гостувања на музичари од соседите држави.