Сменета директорката Нора Шаќири од Театар Комедија, таа вели дека разрешувањето е неосновано

Министерството за култура ja разреши в.д. директорката на Театар Комедија, Нора Шаќири-Марковиќ, а на нејзино место е поставена актерката Магдалена Ризова-Черних.

Според Министерството, Одлуката е донесена по добиениот Извештај од Државниот инспекторат за труд.

„Во Извештајот е констатирано дека раководното лице презело активности спротивни на член 34 став 1 алинеа 3 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, член 8-а став 1 алинеа 3 од Изборниот законик и член 11 од Законот за заштита од вознемирување на работно место. Со тоа се потврдува дека раководното лице водело и ја завршило дисциплинската постапка врз вработени во време на изборен процес“, соопштуваат од министерството.

Шаќири-Марковиќ преку обраќање на Фејсбук вели дека разрешувањето е неосновано. Според неа, како директор повела дисциплинска постапка за вработен кој, вели таа, „без никакво образложение, без слободни денови, по завршувањето на колективниот одмор замина на патување и истото го поткрепи со фотографии и за истото се изјасни пред комисијата која го донесе решението за дисциплинска казна дека е виновен и казната ја прифати“.

„По анонимна пријава за мобинг пратена до Заменик на Претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси министерот Љупчо Николовски во театарот дојде винреден инспекциски надзор, односно Државниот инспекторат за труд, кој донесе записник во кој се наведува дека Инспекторатор на труд не може да донесе инспекциска мерка врз основа на член 22 и 23 од Закон за спречување на корупција и судир на интереси и предметот ќе биде испратен до ДКСК како надлежен орган. Во однос на ова сакам да ве известам дека до овој момент од ДКСК ништо не е пристигнато, па по тој основ решението за мое разрешување е неосновано и дека во институцијата не е стигната никаква пријава за вршење на мобинг од мене кон вработен“, се вели меѓу другото во објавата на Шаќири-Марковиќ.

Со разрешувањето на Шаќири-Марковиќ не се согласуваат вработените од Театар Комедија. Тие преку јавно видео соопштуваат дека се шокирани што сега се поставува актерката што била дел од претходната управа и која, велат тие, била разрешена поради неправилности во работењето.

„Можеби е крајно време Инспекторатот за труд да го посети Театар Комедија. Кога театарот беше во долгови, на колена, без основни услови за работа, со нарушени меѓучовечки односи – в.д. директорката што сега ја разрешува министерството успеа да реши дел од овие проблеми и да го врати театарот на вистинскиот пат. Се поставува прашањето дали некој со интенција пробува да го сруши Театар Комедија и да го врати во агонијата во кој беше пред да се постави Нора Шаќири“, велат вработените.

Тие бараат до распишување на регуларен конкурс, за в.д. директор да се постави  Дарко Спасов, драматург во Театар Комедија, за кој велат дека е меѓународно етаблиран професионалец и човек во кој целиот ансамбл има доверба.

Б.Ш.