СМР објави повик за доделување стипендија за постдипломски студии по младинска работа

Сојузот за младинска работа (СМР) објави повик за доделување на стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“ за постдипломски академски студии по младинска работа.

Доделувањето на стипендијата, како што велат од СМР е дел од нивната мисија да ја издигнат младинската работа на национално ниво.

„Стипендијата ‘Билјана Василевска Трајкоска’ е можност за сите кои сакаат да станат професионални младински работници и да придонесат кон унапредување на младинската работа во нашата земја. Сите заинтересирани лица кои планираат да се запишат на последипломските академски студии по младинска работа и ги исполнуваат условите за упис на студиската програма која се спроведува на Филозофскиот факултет при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’“, велат од СМР.

Заинтересираните кандидати треба да достават формулар за пријавување, пополнет прашалник за мотивација, кратка биографија, есеј на тема Младинската работа како моја животна мисија“ – од 1500 до 2000 зборови максимум, како и уверение за завршени додипломски студии. Потребната документација треба да се достави најдоцна до 10 февруари (понеделник) до полноќ.

„Пријавените кандидати ќе бидат рангирани согласно добиените поени, при што минималниот број на поени кое едно лице треба да ги освои за да може да добие право на доделување на стипендија се 50, а вкупниот број на поени кое едно лице може да ги добие се 100. Поените ќе бидат распределени според претходно искуство: работа со млади, работа во граѓански сектор, обуки и сертификати, волонтерство; мотивација, прашалник за мотивација, есеј; интервју“, додаваат од СМР.

Инаку, стипендијата го носи името на Билјана Василевска Трајкоска, истакната активистка и лидерка во областа на младинската работа, која со својата визија и незапирлива енергија даде огромен придонес во развојот и професионализацијата на младинската работа како професија. Низ годините, како што велат од СМР, Билјана беше вклучена во бројни иницијативи за поддршка и едукација на младите, залагајќи се за нивна вклученост и зајакнување.

За сите дополнителни информации, СМР може да се контактираат на следниов мејл stipendijabvt@gmail.com. Целиот повик може да се најде на следниов ЛИНК.