Парче овошје предизвикало евакуација во библиотеката на Универзитетот во Канбера минатата недела.
Во петокот, во попладневните часови, биле повикани противпожарни единици и тимови за спасување откако било пријавено дека во библиотеката на австралискиот универзитет се почувствувал „силен мирис на гас“. По еден час спасувачките екипи го откриле изворот на мирисот.
„Пожарникарите го пребараа објектот и го лоцираа изворот на миризбата. Библиотеката е повторно пуштена во употреба и предадена на вработените од Универзитетот“, изјавиле од итната служба.
Тие сепак оставиле на вработените во библиотеката да го откријат изворот на непријатната миризба – дуриан.
Некогаш нарекуван „крал на овошјето“ од британските патописци, малезиската овошка дуриан е препознатлива по нејзиниот сладок вкус, но и силната миризба. Токму поради оваа карактеристика овошјето е забрането од хотелите и јавниот транспорт низ Азија.
Овошката било оставено во близина на отворот за вентилација на вториот кат на библиотеката.
„Сега сме отворени. Непријатната миризба, слична на гас, е целосно безбедна – некој оставил дуриан во една од нашите корпи за отпадоци. Многу подло“, напишале на Фејсбук од универзитетската библиотека.
Ова е втор пат за помалку од една година како оставен дуриан предизвикува евакуација на австралиските универзитети. Мината година, околу 600 студенти и вработени на универзитетскиот кампус во Мелбурн биле евакуирани бидејќи итните служби ги проверувале објектите стравувајќи од истекување на гас.