Повеќе од 18 милиони луѓе најверојатно починале од Ковид-19, тврди ново истражување во кое се сугерира дека вистинската бројка на смртноста од вирусот е три пати повисока од официјалните бројки.
Истражувањето на тимот за смртност на Универзитетот во Вашингтон во САД проучува 191 земја и територии во светот и беше објавено две години од денот кога Светската здравствена организација за првпат прогласи пандемија со коронавирусот.
Мерката која тие ја користат се нарекува прекумерна смртност и таа покажува колку повеќе луѓе умирале споредено со очекуваната смртност од годините пред пандемијата.
Според истражувањето нивоата на прекумерна смртност драстично варирале помеѓу различните земји, но глобалниот просек изнесувал 120 смртни случаи на 100.000 луѓе. Тоа значи дека околу 18,2 милиони смртни случаи настанале како последица на Ковид-19 во двете години од почетокот на 2020 и крајот на 2021 година. Ова е три пати поголема бројка од официјално регистрираните 5,9 милиони починати од вирусот досега.
Според истражувањето објавено во медицинското списание „Лансет“, најголема прекумерна смртност била забележана во земјите со ниски приходи во Латинска Америка, Европа и Суб-сахарска Африка. Но, висока смртност имало и во дел од побогатите земји, како Италија и делови на САД.
Северна Македонија се најде меѓу петте држави со највисока прекумерна смртност. Земјава е на четвртото место, зад Боливија, Бугарија и Есватини (поранешна Свазиленд), со околу 584 смртни случаи повеќе на 100.000 жители отколку пред пандемијата.
Петте земји со најмала прекумерна смртност се Исланд, Австралија, Сингапур, Нов Зеланд и Тајван.
Научниците велат дека дел од смртните случаи биле последица на вирусот, додека другите се поврзани со инфекцијата. Ова е поради тоа што заразувањето со Ковид-19 може да ги влоши претходните хронични болести како кардиоваскуларните заболувања и болести на белите дробови.
„Сфаќањето на вистинската смртност од пандемијата е клучно за ефективно носење мерки за јавното здравје. Студии од неколку држави, како Шведска и Холандија, покажуваат дека Ковид-19 е директна причина за најголемиот дел на прекумерни смртни случаи, но за ова се` уште немаме доволно докази за поголемиот дел други држави. За да се открие точната бројка на починати директно од коронавирусот потребни се дополнителни истражувања“, вели авторот на студијата, д-р Хајдонг Ванг.