За разлика од другите социјални платформи, Снепчет уште од првото лансирање пред 10 години беше достапна само како мобилна апликација. Компанијата вчера соопшти дека за прв пат отсега ќе биде достапна и десктоп верзија на популарната апликација за допишување, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Целта е да корисниците да им се олесни можноста да може да се префрлат од телефон на компјутер и обратно доколку имаат потреба од тоа. Но, новата десктоп верзија нуди уште една нова опција, што е изненадувачки чекор од компанијата – „Снеп Зум верзија“.
На овој начин Снепчет станува конкурент на омилената платформа за групни видео повици – Зум.
Иако примарната функција на оваа социјална платформа е допишување и споделување фотографии меѓу корисниците, видео повиците станаа многу популарна алатка, односно од компанијата велат дека секој месец бројот достигнува до 100 милиони повици од кои во секој повик има по 15 корисници. Со новата опција, оттаму се надеваат дека ќе им го олеснат пристапот на своите корисниците кои сега ќе може од десктоп верзијата да се вклучуваат во заеднички повици.
Идејата е слична како онаа на платформата Зум што особено се популаризираше за време на пандемијата, но сепак опцијата ќе ги задржи спецификите на Снепчет. Корисниците ќе може да креираат видео повици многу полесно бидејќи се веќе поврзани со нивните пријатели и плус ќе може да видат кој и кога е онлајн, а исто така камерата и на десктоп верзијата ќе ги задржи така наречените „филтер-ефекти“ што додаваат уши, пеги или други додатоци што ги одбира корисникот.
„Толку многу луѓе се повеќе своето време го минуваат онлајн, дали е тоа поради онлајн настава, работа или пребарување нешто на интернет. Од ова се роди идејата и видовме голема можност како може да го олесниме процесот на поврзување на корисниците во текот на нивниот ден“, велат од матичната компанија Снап.
Сепак, за да се заштити безбедноста на корисниците, Снапчат нема да дозволува правење принтскрин ниту на веб верзијата, односно ќе ги информира корисниците доколку некој направи принтскрин од пораките, видео повикот или испратената фотографија.