На вториот ден од собраниска седница, вчеравечер, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со 62 гласа „за“ и „51“ глас против, од вкупно 115 присутни пратеници, ја избраа новата македонска влада. Во новата влада на чие чело по втор пат застанува претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев влегуваат 16 министри.
На министерското место во министерството за одбрана останува Радмила Шеќеринска, која раководеше со функцијата и во претходната влада, министер останува и Венко Филипче во министерството за здравство, како и Оливер Спасовски во министерството за внатрешни работи.
Промени на министерските места нема ниту во министерството за економија каде министер останува Крешник Бектеши од Демократската унија за интеграции (ДУИ), во министерството за локална самоуправа каде останува Горан Милевски од Либерално-демократската партија (ЛДП), но и во министерството за животна средина и просторно планирање каде функцијата министер по втор пат ќе продолжи да ја врши Насер Нуредини од ДУИ.
На местото министер за правда доаѓа поранешниот советник на Заев, Бојан Маричиќ. Функцијата министер во министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ја добива поранешниот пратеник од ДУИ Артан Груби, додека неговиот сопартиец кој беше вицепремиер за европски прашања во поранешната влада Бујар Османи го зазема министерското столче во министерството за надворешни работи.
Министер за финансии станува поранешниот министер за одбрана, но и министер за економија, Фатмир Бесими од ДУИ. Министерското столче во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го добива Аријанит Хоџа од политичката партија Беса, која заедно настапи во коалицијата „Можеме“ заедно со СДСМ. Мила Царовска, поранешната министерка за труд и социјала преминува во министерството за образование и наука, а местото во нејзиното претходно ресорно министерство го презема Јагода Шахпаска.
Министерка за култура станува поранешната пратеничка Ирена Стефоска, додека поранешниот градоначалник на Штип Благој Бочварски, станува министер за транспорт и врски. На министерското столче во министерството за информатичко општество и администрација седнува Јетон Шаќири од ДУИ.
Поранешниот министер за земјоделие Љупчо Николовски станува вицепремиер за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси, за вицепремиер за економски прашања е назначен Фатмир Битиќи, додека поранешниот министер за надворешни работи ќе биде вицепремиер за европски прашања.
Овие имиња влегуваат во 13-тата македонска влада од осамостојувањето на државата во 1991 година.
Изборот на новата влада, доаѓа откако претседателот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот за состав на нова влада на Заев, по предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули.
На изборите, Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 мандати, додека коалицијата „Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 44 мандати. Демократската унија за интеграции освои 15 мандати, додека Алијанса за Албанците и Алтернатива освоила 12 мандати. Демократската партија на Албанците (ДПА) освои 1 мандат, а во парламентот за прв пат влезе и политичката партија Левица која освои 2 мандати.
Претседателот Пендаровски му го врачи мандатот за состав на Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев