Со 76 гласа „за“ Собранието ги изгласа замениците министри

Со 76 гласа „за“, 16 „против“ и без воздржани, Собранието вчера во рамки на единаесеттата седница ги избра замениците-министри во Владата.

Дипломираниот економист Елфет Исмаили е новиот заменик-министер за одбрана. Астрит Исеини кој е доктор на науки по кинезиологија е нов заменик-министер за внатрешни работи, а на позицијата заменик-министер за правда доаѓа Ален Деребан кој е магистер по право.

На функцијата заменик-министер за односи со заедниците стапува Неждет Мустафа, кој е дипломиран професор по филозофија, а на заменичкото министерско место за надворешни работи и надворешна трговија доаѓа Зоран Димитровски кој е магистер на политички науки. Викторија Трајков, докторка на економски науки ќе биде заменичка-министерка за европски прашања, а заменичкото министерско место во финансии го презема Николче Јанкуловски, исто така, доктор по економски науки.

Дипломираниот економист Марјан Ристески ќе биде заменик-министер за економија и труд, додека за енергетика, рударство и минерални суровини ќе биде Мирослав Лабудовиќ, кој е магистер по електротехника и информациски технологии. Флакрон Беџети, кој е професор по политички науки доаѓа на местото заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а заменик-министер во здравство ќе биде дипломираниот економист Јовица Андовски.

Лулзим Алиу, доктор на филолошки науки ќе биде заменик-министер за образование и наука, а дипломираниот економист Ѓоко Велковски заменик-министер за социјална политика, демографија и млади. Ерџан Селими кој е магистер по политички ќе биде  заменик-министер за локална самоуправа, а дипломираниот теолог Седат Сулејмани заменик-министер за култура и туризам.

Заменик-министер за дигитална трансформација ќе биде Радослав Настасијевиќ Варџиски, кој е магистер на економски науки, додека вонредниот професор на Правниот факултет – Кичево Лазе Јаќимоски ќе биде заменик-министер за јавна администрација. Заменичкото министерско место во транспорт го презема Калтрина Зеколи Шаќири која е професорка на Факултетот за социјални науки на Универзитетот „Мајка Тереза“.

Ане Лашкоска која е инженер по хемија ќе биде заменичка-министерка за животна средина и просторно планирање, додека заменичка-министерка за спорт ќе биде Сафије Садики Шаини, инженерка по информатика.

Исто така, Собранието вчера со 86 гласа го верификуваше мандатот на пратеничката Бисерка Златевска од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ која доаѓа на местото на Иван Живковски кој од Владата беше именуван за директор на Агенцијата за катастар на недвижности.