Со 81 глас “за”, ниту еден против и воздржан, македонското Собрание ги прогласи четирите уставни амандмани со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа.
Покрај амандманите, Собранието го донесе и Уставниот закон со кој уставните амандмани 33, 34, 35 и 36 ќе стапат на сила кога ќе стапи на сила и Конечната спогодба за решавање на разликата околу името меѓу Македонија и Грција и по ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од страна на Грција. Во Уставниот закон се регулира и државјанството како „македонско / граѓанин на Република Северна Македонија“.
Со амандманот 33 во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36. Амандманот 34 се однесува на промените во Преамбулата, амандманот 35 е за гарантирање на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави и амандманот 36 се однесува на грижата за дијаспората.
Од македонската Влада, веднаш по гласањето, излегоа со соопштение во кое на граѓаните и пратениците им ја честитаат преземената одговорност.
„Тоа е чин кој оддава државничка одговорност и силен патриотизам зашто ги прави апсолутно остварливи двата најголеми државни интереси – членството во НАТО и ЕУ. Пратениците, имајќи го предвид врвниот интерес на граѓаните, гласаа за договор кој овозможува меѓународно интегрирање и признавање на нашата земја како суверена држава, со целосно потврдување на идентитетските посебности на Македонците и на сите граѓани на земјата“, истакнаа од Владата.
Собраниската седница ја бојкитираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Прогласувањето на амандманите значи дека Македонија ги исполни обврските од Преспанскиот Договор кој во периодот кој следи ќе треба да биде ратификуван и во грчкиот парламент за да стапи на сила Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации и ќе престане важноста на Привремената спогодба од 1995 година.