Со отворен дијалог за колективните средношколски проблеми на национално ниво, како ментално здравје, настава во време на криза и неопходни ресурси, на 1 октомври под мотото „Бидете во чекор со генерацијата“, се одржа Националниот средношколски самит на Економскиот факултет при УКИМ.
Самитот беше во организација на средношколското претставничко тело ОДАС – Организација за дијалог и афирмација на средношколците, а на настанот учествуваа ученици од средните училишта од целата држава.
„Се дискутираше за учество на училиштата во проекти и изборот на ученици кои ќе ги претставуваат училиштата, за поголема инклузивност на учениците со хендикеп, субвенциониран средношколски оброк за средношколци од ранливи категории, бесплатен јавен превоз за сите средношколци, без да се дискриминираат учениците од приватните училишта, зголемување и унапредување на практичната настава, да се направат напори наставата да се изведува со физичко присуство, а не преку интернет“, велат од ОДАС.
Оттаму дополнуваат дека нацрт-заклучоците од Самитот ќе бидат сублимирани во Декларација што, како што велат од ОДАС, ќе биде доставена до надлежните институции и до сите релевантни чинители во образованието и младинските политики.
На настанот се обратила Вицепремиерката Славица Грковска и заменик-претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов.
Организација за дијалог и афирмација на средношколците – ОДАС е средношколска организација посветена на заедница од посветени ученици, одговорни граѓани и идни лидери.