Со документарните филмови „Е14“ и „Хелмут Њутн: Лошите и убавите“ вечерва завршува „МакеДокс“

Со доделување на наградите и прикажување на краткиот документарен филм „Е14“ на Пејмен Зекават и долгометражниот документарец „Хелмут Њутн: Лошите и убавите“ на Геро фон Бом, вечерва во Куршумли ан завршува 12. издание на „МакеДокс“.

Филмот „Е14“ е студија за човечкото однесување во најгусто населената и прекумерно развиена станбена област во Велика Британија за време на пандемијата од коронавирусот. Камерата ѕирка преку прозорецот во првите две недели од изолацијата и го открива феноменот на празните станови.

Документарецот за легендарниот фотограф Хелмут Њутн е „портрет на портретираните“. Ѕвездите на неговите најпознати портрети и модни едиторијали – од Ана Винтур до Грејс Џонс, од Шарлот Ремплинг до Изабела Роселини – конечно го даваат своето видување за животот и делото на контроверзниот фотографски гениј.

Поради голем интерес, вечерва во 20.30 часот, на платото пред Куршумли-ан, репризно ќе биде прикажана англиско-македонската документарна копродукција со наслов „Сава“. Гласот на реката Сава во филмот го дава светски познатата актерка Мира Фурлан, која почина за време на правењето на постпродукцијата на филмот. Режисер на филмот е Метју Сомервил, на сценариото работела Мира Фурлан, снимател е Дан МекКрум, а монтажата е на Горјан Атанасов.

Организаторите потсетуваат дека сите програмски активности на фестивалот се одвиваат според протоколите што важат од 18 август 2021 година. Ова значи, согласно протоколите, нема да биде одобрен влез во фестивалскиот простор доколку не биде покажан сертификат за вакцинираност.