Феминистичката теоретичарка и истражувачка Сара Ахмед на 5 јуни во Музејот на современа уметност ќе одржи предавање на тема „Смарањето (Killing Joy) како квир проект“ со што ќе започне 12. издание на Викендот на гордоста – Скопје.
Темата на годинешниот фестивал е „Останувајќи со нелагодноста“, а тој ќе се одржува од 5 до 16 јуни на четири локации низ Скопје: Музејот на современа уметност, Станица 26, МКЦ и Театар Комедија.
„Со оваа тема, ги истражуваме потенцијалите и формите на соживот, знаење, светотворење и општествена трансформација, кои може да произлезат од останувањето со нелагодноста, или неволјата, тешкотијата, проблемот, непријатноста, чудното, – како нешто што го опишува живеењето во кризни времиња, каде се скршени и изгубени нашите хегемониски, традиционални и здраворазумски алатки за навигација на животот и секојдневието“, велат организаторите.
По предавањето на Сара Ахмед кое е најавено од 19 часот, во 21 часот на платото на МСУ ќе има концертна промоција на новиот албум на „Светлост“, насловен „Everything Was As It Had Been a Minute Ago“ во издание на ПМГ Џез.
„Светлост“се неидиоматско/импровизаторско трио од Скопје, составено од Кристијан Новковски (тапани), Нинослав Спировски (кларинет, сопран саксофон и тенор саксофон) и Дени Омерагиќ (бас, синтисајзери и електроника), препознатливи по спонтаниот уметнички израз и наджанровската естетика, и едни од најзначајните чинители на современата креативна сцена. На почетокот на тековната 2024 година се регрупираат со избистрен фокус и го создаваат најдлабокиот уметнички материјал досега, под името Албумот „Everything Was As It Had Been A Minute Ago“, инспириран од моменти на лична загуба, чувства на неприпаѓање, губење на верба во можностa за општествена еднаквост, сочувство со жртвите на новите војни и давидовска борба против голијатската капиталистичка машина. Овој настап, во соработка со Светлост и PMGJazz, е официјална промоција на овој албум.
Сара Ахмед е независна феминистичка истражувачка и теоретичарка која работи на пресекот меѓу феминизмот, квир студиите и студиите за изучување на расите и е позната по испитувањето на моќта во секојдневниот живот и институционалните култури.
Ахмед е позната по нејзините теоретски и истражувачки дела, како што се: „Complaint!“ (2021), „What’s The Use? On the Uses of Use“ (2019), „Living a Feminist Life“ (2017), „Willful Subjects“ (2014), „On Being Included: Racism and Diversity in Institutional Life“ (2012), „The Promise of Happiness“ (2010) и „Queer Phenomenology: Orientations, Objects, Others“ (2006). Антологиско дело, „The Cultural Politics of Emotion“, во кое ги проучува општествената димензија и циркулацијата на емоциите, претставува фундаментално четиво во афективната теорија во зародиш.
Фестивалот е во организација на Коалиција МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка. Се реализира во партнерство со Медуза, ТрансФормА, Локомотива и Тииит! Инк., а блалгодарение на поддршката од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), Heinrich Böll Stiftung, Министерство за култура на Република Северна Македонија, Фондација Отворено Општество Македонија, Friedrich Ebert Stiftung, Француската амбасада во Скопје и International Trans Fund.
Викендот на гордоста е фестивал за квир култура, уметност и теорија што создава простор за промоција на ненормативните форми на светообразување, односно, на односите, афектите, дентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитетите што од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст се обележани како квир, ексцентрични и неуспешни.
Фестивалскиот постер, програма и зборник може да ги погледнете на следниот ЛИНК.