Со изложба на полскиот уметник Карол Раѓишевски вечерва започнува единаесеттото издание на Викендот на гордоста.
Со почеток во 20 и 30 часот, изложбата „Сеќавајќи се на иднините“ овогодишното издание на фестивалот ќе започне во Музејот на современа уметност (МСУ).
Организаторите, „Коалиција Маргини“ велат дека полскиот уметник работи интердисциплинарно, користејќи уникатни алатки при уредување на материјалите – комбинира факти со фантазија, компонира документи од парчиња сеќавање и за да прикаже неочекувани алтернативни траги на сеќавањата.
„На изложбата ќе бидат претставени неговата мултидисциплинарната и архивска практика преку периодичниот фанзин ‘ДИК’ кој тој го издавал и уредувал и проектот КАИ што ја претставува параинституцијата Институтот за квир-архиви која ја основал. Освен тоа ќе бидат прикажани и монументалната серијата ‘Галерија на портрети’ (2020 – во тек), серијата ‘Сида’ (2012 – во тек) презентирана преку стратегија на спојување на архивски материјали со гестови на апропријација, изложени во форма на принтови, слики и тапети, клучното негово дело ‘Зумбул’ (2019-2020) и филмовите ‘Кишленд’ (Kiseiland, 2012) и ‘Мојот драг пријател од Советскиот Сојуз’“, посочуваат тие.
Втората фестивалска вечер, на 2 јуни, ќе продолжи со перформансот „Осуденик“ (GONER) на Малик Нашад Шарпе со уметничко име Marikiscrycrycry.
Од „Коалиција Маргини“ посочуваат дека перформансот претставува сензуално, напнато и застрашувачко кореографско патување во психолошките длабочини на хоророт низ кој поминува ликот на Осуденикот.
„Перформансот само ги навестува злоупотребата, миграцијата, отуѓувањето, припадноста, зависноста и насилноста, а примената на формалните алатки на авторството и естетиката на хоророт создава радикална визуелна уметност од маргинализирана перспектива. Делото ја испитува перцепцијата на специфичните култни наративи, каков што е возбудливиот, крвав и психолошки хорор, и тоа во контекст на црнечката хорор-традиција“, дополнуваат оттаму.
Единаесеттото издание на Викендот на гордоста Скопје се одржува од 1 до 13 јуни во Музејот на современа уметност, МКЦ и КСП „Центар-Јадро“.